Големата пролетна акција на Град Скопје и градските претпријатија од денеска во општина Бутел 26.4.2022

Големата пролетна работна акција на Градот Скопје и јавните градски претпријатија од денеска се спроведува на подрачјето на општината Бутел. Во  координација со Oпштина Бутел, до крајот на оваа недела екипите ќе спроведуваат активности за рачно и машинско метење и миење на булеварите и улиците, дезинфекција на контејнерите, собирање кабаст отпад, санирање на оштетувањата на коловозите, обновување и поставување сообраќајна сигнализација, садење нови садници и уредување на зеленилото, санации на пријавените дефекти и проблеми од граѓаните, целосно чистење на атмосферските и фекалните линии, како и прочистување на дождовните сливници на булеварите и на градските улици.

Во големата пролетна работна акција во Бутел на терен координирано работат екипи на јавните градски претпријатија „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“, „Водовод и канализација“, „Лајка“, „Улици и патишта“ и „Дрисла“.

Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ на целата територија спроведуваат активности за рачно и машинско метење и миење на булеварите и на улиците, како и миење и дезинфекција на контејнерите и на микролокациите на кои што тие се поставени.

Во рамките на оваа голема акција, ЈП „Комунална хигиена“ постави и специјални садови за кабаст отпад на неколку локации, каде што граѓаните ќе можат да го остават овој отпад, по што тој бесплатно ќе биде подигнат и транспортиран на соодветна локација. Жителите на општина Бутел својот кабаст отпад ќе можат да го одложат на следниве локации:

 

  1. Скопје Север, кај „Стокомак“;
  2. Бутел 2, на платото кај џамијата;
  3. Населба Радишани, меѓу првиот и вториот влез;
  4. Бутел 1, наспроти црквата „Свети Јован“ (кај трансформаторот).

 

 

Со пролетната акција на ЈП „Паркови и зеленило“ во општина Бутел ќе биде опфатено зеленилото по должината на булеварите Словенија и Босна и Херцеговина, како и на улиците Бутелска и Александар Урдаревски. На овие локации се врши расчистување на теренот, собирање лисја, косење на тревните површини, собирање на искосот, како и кроење грмушки.

Покрај овие активности, екипите од Секторот дрвореди постапуваат по Решенијa издадени од Секторот за комунални работи на Град Скопје за кастрење дрвја.

Клучни локации на кои заловувачките тимови на ЈП „Лајка“ ќе постапуваат во општината Бутел се: кај црквата „Свети Јован“, пазарчето во Бутел, околу ООУ „Климент Охридски“, првиот и вториот влез на населбата Радишани, регионот кај последната автобуска станица број 57 и Бел Камен во Радишани.

Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ во општината Бутел ќе вршат рачно чистење на сливниците, рачно чистење на шахтите (атмосферски и фекални) и миење со цистерна со вакум и цистерна под притисок на атмосферските и фекалните сливници и шахти.

Денеска на улицата Александар Урдаревски извршена е контрола на 24 шахти, рачно се исчистени четири шахти, 63 сливници, миење на канализациска линија од 380 метри со цистерна со вакуум и прочистување на 550 метри со цистерна под притисок.

ЈП „Улици и патишта“ во текот на акцијата во Бутел ќе работат на булеварот Словенија и на улиците Александар Урдаревски, Боца Иванова и Ферид Бајрам. Нивните екипи денеска ги санираа оштетувањата во асфалтот на булеварот Словенија, со површина од 23 квадратни метри. На сите сообраќајници во општината е извршена контрола и обнова на вертикалната сигнализација.

Јавното претпријатие „Дрисла“ во рамките на пролетната акција во Бутел ќе го прима, складира и депонира комуналниот отпад, градежниот шут и другите видови отпад што ќе се собира на територијата на општината.

Пролетната акција во општина Бутел почна денеска, 26 април и ќе трае до 29 април, а потоа екипите на јавните претпријатија ќе продолжат со работа во друга општина.