Арсовска: Градот работи на решавање на заостанатите проблеми, граѓаните заслужуваат реални, соодветно планирани проекти 29.8.2022

„Во изминатите 10 месеци се обидуваме да изнајдеме системско решение со кое што ќе превенираме да не се повторуваат затекнатите проблеми во иднина. Како еден од тие примери на проблематични проекти можам да ги наведам булеварот кај АСНОМ, проектот кај булеварот Киро Глигоров, Есенинова, Васко Карангелески. Тоа се проекти коишто биле отпочнати, но не може да бидат завршени за кратко време затоа што се оставени со голем број на неразрешени прашања. Тоа значи дека немало добро и соодветно планирање, има имотно-правни неразрешени односи и тоа не се само експропријации, туку и спорови помеѓу роднини кои треба да бидат правно разрешени”, вели градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска во денешното гостување во Жешко политичко лето на Канал 5 телевизија, запрашана до каде се активностите на градот за завршување на веќе отпочнатите проекти од претходното градско раководство. 
 
За изградбата на булеварот кај АСНОМ којшто треба да ги поврзе граѓаните на Гази баба со општина Аеродром, Арсовска истакна дека токму ова е проектот со најголем број на проблеми со кои се соочил градот во изминатиот период.
 
„Тој проект го затекнавме со само триесетина разрешени имотно-правни односи од вкупно 275. За отприлика околу 5 месеци успеавме да решиме над 150 од овие прашања, меѓутоа добар дел остануваат и токму на тоа се насочивме и работиме во овој момент. Тоа е едно од оние системски решенија кои се планираат, и ќе се потрудиме веќе никогаш да не се повтори она со што се соочуваме во овој момент. А во моментов решаваме заостанати проблеми од претходното раководство. Сега сите проекти се планираат соодветно, однапред, се разрешуваат имотно-правните спорови и експропријација уште пред да се започне проектот, за кога ќе се отпочне да може за најкраток временски период истото да биде разрешено и да не бидат дел од улиците и булеварите во ваква состојба како што се денес”, вели Арсовска.