ДОСЕГА 41 УМЕТНИК НАСТАПИЈА ВО „КУЛТУРА ВО ВРЕМЕ НА КОРОНА“ 29.4.2020

Од првиот маалски концерт што се одржа во средата на 15.04.2020 година, па до денеска, како дел од програмата „Култура во време на корона“ на отворено настапија 41 уметник, во 17 проекти. Во време на полициски час, тие за граѓаните понудија разновидна програма – концерти на класична, поп, рок, алтернативна и електронска музика, како и видео-визуелна уметност, имаа одличен прием кај околните жители и постигнаа голема гледаност на социјалните мрежи на Град Скопје со над 180.000 прегледи.

Како дел од програмата „Култура во време на корона“ настапи досега имаа Lepi Xhoni, Eye Cue, Христина Зафировска, Артан Кастрати, Funk Shui, Musaiq, Гоце Илиевски, Арда Мустафоглу, Емилија Попивода, Дуња Иванова, Силви Бенд, Pluto`s Doubts, South park, Пламенка Трајковска – квартет, DJ Еlectron, Мартин Мила и Agni Avshar. Значајно е да се нагласи дека досега музичарите изведуваа инструментална музика и дела на македонски, албански и на англиски јазик, а во иднина ќе се изведуваат музички дела и на други јазици. Од вкупните 41 уметник кои настапија досега, 29 се машки, а 12 женски изведувачи.

Изведувачите настапуваа на повеќе локации низ градот, во 6 скопски општини, и тоа, на „Ибни Пајко“; во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“; во паркот во Скопје Север; во Топанско поле; на Млечен; во паркот „Шопен“ во Кисела Вода; во Аеродром кај „Стела“; кај Музејот на современа уметност и на покривот на „Домот на градежници“. Нивните  настапи беа стримувани на:

- фејсбук страницата на Град Скопје https://www.facebook.com/CityofSkopje/?ref=br_rs, и на

 

- Youtube каналот на Град Скопје https://www.youtube.com/channel/UChnvnL2Inms7iLk6uzQFyTw

 

За потсетување, Град Скопје, заедно со градските културни институции, на 13.04.2020 година, објави Јавен повик за финансирање проекти како дел од кризните мерки „Култура во време на корона“. Идејата на повикот е пред сè да се поддржат невработените уметници, односно оние уметници кои што ги загубиле своите редовни приходи во овој период, но и да се доближи културата до сечиј дом.

Заинтересираните уметници може да се пријавуваат на https://mkc.mk/vesti/grsk_povik1/

Со овој повик ќе се поддржат следните видови проекти:

  • Маалски изведби во времетраење до 2 часа; техничката опрема ќе биде обезбедена од културните установи на Град Скопје; и
  • Виртуелни изложби, претстави, перформанси, концерти, работилници за деца…, во времетраење до 2 часа.

Сите учесници ќе добиваат еднаков солидарен хонорар во нето износ од 14.500 денари. Повикот ќе трае до завршувањето на вонредната ситуација.

Програмата „Култура во време на корона“ и во наредните денови за граѓаните ќе понуди концерти, изложби, видеоарт презентации, настапи на диџеи и состави на класична музика, како и театарски изведби.