Соопштение за јавност 13.6.2025

Предмет на овој јавен повик е доделување на финансиски средства на граѓаните што живеат на подрачјето на Град Скопје, наменети за субвенционирање дел од трошоците направени при купување нов велосипед во текот на 2025 година.
Градот Скопје ќе субвенционира средства во максимален износ од 5.000,00 денари по лице, во кој е вклучен и данокот на личен доход.
Средствата се обезбедени од Буџетот на Град Скопје за 2025 година, во вкупен износ од 3.000.000,00 денари.
Јавниот повик ќе трае од денот на неговото објавување сѐ до исцрпување на предвидените финансиски средства од буџетот на Град Скопје за оваа намена, но не подоцна од 31 октомври 2025 година – зависно од тоа кој услов ќе настапи прв.
Право на учество на јавниот повик имаат жителите на градот Скопје (од општините: Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари), кои ќе купат нов велосипед во Република Северна Македонија во периодот од 01.01.2025 година до исцрпување на буџетот предвиден за јавниот повик, но не подоцна од 31 октомври 2025 година, и кои ги исполнуваат условите наведени во овој повик.
Пристигнатите барања во Архивата на Град Скопје ќе бидат евидентирани со точно време на поднесување (датум, час и минута), и истите ќе се разгледуваат по редослед на пристигнување. Потребната документација граѓаните треба да ја поднесат во затворен плик, со назнака:
До Сектор за заштита на животната средина – Комисија за субвенционирање на граѓаните за купување велосипеди во 2025 година,
во Архивата на Град Скопје, секој работен ден од понеделник до петок, во периодот од 08:30 до 15:00 часот.
Условите и начинот на поднесување на барањето ќе бидат објавени на интернет-страницата на Град Скопје: www.skopje.gov.mk