ЗАМЕНИК-ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТРАЈАНОВСКИ ПРИСУСТВУВАШЕ НА СВЕЧЕНОСТА НА НАЦИОНАЛНИОТ ДЕН НА РЕПУБЛИКА ЧЕШКА 25.10.2023

Заменик-градоначалникот на Град Скопје, Александар Трајановски, вчеравечер присуствуваше и се обрати на свеченоста по повод одбележувањето на Националниот ден на Република Чешка, што се одржа во Националната опера и балет.

Трајановски се осврна на одличните пријателски односи што ги има Градот Скопје со амбасадата на Чешка во нашата земја, а настанот беше збогатен со донација на концертно пиано од чешкиот производител Петроф кое амбасадата во соработка со компании помагатели го обезбеди за Националната опера и балет во Скопје.

- Вечерва имам чест да го честитам Националниот ден на Република Чешка и да пренесам пораки во духот на нашето големо и долгогодишно пријателство. Она што ме прави особено горд е искрената и континуирана поддршка на Амбасадата на Чешка на проектите за билатерална соработка што во периодот што следи особено ќе се огледа во активностите кои ќе ги реализираме по прогласувањето од ЕУ на Скопје за Европска престолнина на културата за 2028 година. Ова ќе отвори многубројни можности за заедничка организација на културни настани, размена на позитивни искуства, размена на уметници и проекти за подобрување на инфраструктурата. Македонија и Скопје гледаат пример во Чешка, како лидер во европските културни текови. Во таа насока, во име на граѓаните на Скопје и од свое лично име сакам да се заблагодарам на амбасадата на Чешка за донацијата на ова прекрасно концертно пиано Петроф кое ќе донесе магија на сцената на Националната опера и балет и на кое ќе имаат можност да музицираат многубројни домашни и странски таленти збогатувајќи ја културната понуда на Скопје како Европска престолнина на културата – рече вчера Трајановски, во своето обраќање.

Тој нагласи дека за Скопје е особено значајна и соработката на проекти за заштита на животната средина, дигитализацијата и зелената транзиција кои се вистински предизвик за секоја локална самоуправа, а за кои често се разговара на средбите со претставници од Чешка.