Започна втората фаза од уредување на нови паркови површини во Аеродром 08.10.2023

Град Скопје отпочна со втората фаза на уредување нови паркови површини во општина Аеродром долж булеварот АСНОМ со вкупна површина од 27.000 квадратни метри, со соодветно партерно уредување, тревна површина, садници, летниковци и нова хидрантска мрежа за наводнување.

Градоначалничката Данела Арсовска денеска изврши увид во уредувањето на новиот парк и новите пешачки патеки покрај булеварот АСНОМ кои ќе го олеснат пристапот на граѓаните.

Паркот го изведуваат јавните претпријатија на Град Скопје ЈП Паркови и зеленило и ЈП Улици и патишта, чии тимови денес заеднички отпочнаа со садење нови садници.

Градот Скопје ги реализира проектите од програмата избрана од граѓаните во континуитет, која содржи клучни барања за подобрување на квалитетот на живот, животната средина, зголемување на градското зеленило и паркови површини.