Градоначалничката Арсовска оствари средба со австрискиот амбасадор Памер 25.9.2023

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Австрија Мартин Памер, на која акцент беше ставен на изборот на Град Скопје за престижната титула Европска престолнина на културата за 2028 година и на богатата програма под слоганот „Култура над поделба“ преку која Скопје ќе соработува со градовите и земјите од Европската Унија.

 

Градоначалничката Арсовска на средбата нагласи дека титулата на Скопје за Европска престолнина на културата е високо признание за секој град, затоа што културата зазема важно место во развојот на градовите и претставува двигател на урбаниот, социјалниот и економскиот развој.

Во насока на интензивирање на соработката меѓу Градот Скопје и Градот Виена, Амбасадорот Памер ги истакна потенцијалните можности на полето на културата и културната размена, а се разговараше и за проектите од областа на урбаното живеење и цивилната заштита, кои ќе бидат дел од следните активности меѓу Скопје и Виена.