СЕ ОДРЖУВА 7.МЕЃУНАРОДЕН ЖЕНСКИ САТЕТЕЛИТ ТУРНИР ВО ОДБОЈКА 2016 03.9.2016

По повод одржувањето на традиционалниот меѓународен турнир во одбојка на песок „2016 CEV BEACH VOLLEYBALL WOMEN SATELLITE SKOPJE“  на кејот на реката Вардар, денеска во Салата на Градоначалникот на Град Скопје се одржа конференција за медиумите на која присуствуваат Градоначалникот Коце Трајановски, претседателот на Европската Одбојкарска Конфедерација /ЦЕВ/, Александар Боричиќ, претседателот на Одбојкарската федерација на Македонија, Петар Јовановски и генералниот секретар на Одбојкарската федерација на Македонија, Зоран Карановиќ.

-Градот Скопје седум години учествува во организирањето на овој турнир, на кој годинава се натпреваруваат 26 женки двојки од 16 држави. Како што веќе знаете и  лани заедно со Одбојкарската федерација на Македонија организиравме  турнир во машка конкуренција, а се надеваме дека следната година ќе организираме и во машка и во женска конкуренција.  Ние како Град ќе направиме се што е во наши можности да помогнеме да се создадат услови за организирање на уште поквалитетни турнири. Сум задоволен од постигнатото, но се надевам на уште поголеми успеси во иднина. Сакам да се заблагодарам на претседателот на Европската Одбојкарска Конфедерација, Александар Боричиќ, што дојде да присуствува на турнирот и за неговата поддршка  во организирањето на овој турнир и се надевам дека организирањето на вакви сателит турнири ќе придонесе за популаризирање на овој спорт меѓу младите, изјави градоначалникот Трајановски.

Претседателот на Европската Одбојкарска Конфедерација, Александар Боричиќ, се заблагодари за гостопримството на домаќините и посочи дека одбојката е олимписки спорт кој е многу поуларен во светот, а не бара посебни услови. Тој посочи дека имал плодни средби и во Владата на Република Македонија и во Олимпискиот комитет каде што разговарал за подобрување на условите за развој на овој спорт и за организирање на Европско првенство за млади, во чија организација тој би помогнал. Бариќиќ нагласи дека треба да се работи на изготвување стратегија како младите да се привлечат да го тренираат овој спорт и дека треба да се направат напори да се зачуваат постојните клубови во државата и секако да се работи и на отворање на нови. Исто така, ја пофали Одбојкарската федерација на Македонија за успесите коишто ги постигнува во одбојката.

Претходно Градоначалникот Коце Трајановски и  претседателот на Европската Одбојкарска Конфедерација /ЦЕВ/, Александар Боричиќ, остварија средба на која се дискутираше за досегашната соработка на Одбојкарската федерација на Македонија и Европската Одбојкарска Конфедерација, како и за поддршката којашто ЦЕВ може да ја даде во иднина за организирање на меѓународни турнири, за учеството на Градот Скопје во нивната организација и за  популаризација на одбојката меѓу младите во Македонија.

Турнирот, кој почна на  1 септември ќе трае до утре /4 септември/ кога ќе се одиграат и полуфиналните и финалните натпревари,  на веќе познатата локација во градскиот парк покрај кејот на реката Вардар.