МАРКО МАРКОВИЌ ОД СУГС„РАДЕ ЈОВЧЕВСКИ КОРЧАГИН“ ПОБЕДНИК НА НАТПРЕВАР ЗА КОМПЈУТЕРСКИ ВЕШТИНИ 07.6.2016

Марко Марковиќ, ученик во втора година во СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“, e победник на првиот национален натпревар за компјутерски вештини Микрософт офис специјалист (Microsoft Office Specialist). 

Гимназијалецот Марковиќ ги реши тестовите за само 18 минути и 25 секунди, со што ги освои максималните 1.000 поени и со тоа однесе убедлива победа на финалниот натпревар, не само во однос на поените туку и на постигнатото време.

Град Скопје, од јануари 2016 година, стана партнер во организирањето и спроведувањето на првиот националниот натпревар за Микрософт офис специјалист (Microsoft Office Specialist), на тој начин што ги поддржа најдобрите 500 ученици од сите средни училишта кои се во негова надлежност, овозможувајќи им бесплатно полагање на официјален Микрософт офис (Microsoft Office) испит.

Град Скопје за купување на лиценците, односно испитите одвои 500.000 денари.

Победникот Марковиќ во периодот од 07 до 10 август 2016 година, ќе патува во Дизниленд (Орландо, Флорида, САД), заедно со својата менторка Жаклина Прекиќ, професорка по информатичка технологија и програмски јазици, каде што ќе се натпреварува на светскиот натпревар Микрософт офис специјалист 2016 (Microsoft Office Specialist 2016).

Трошоците за патување и престој во Соединетите Американски Држави, за Марко и неговата менторка, ќе бидат целосно покриени од Стопанска Банка АД Скопје, која како еден од спонзорите на натпреварот на сите учесници во финалето им подари картички со вредност од 5.000 денари.

Семос Едукација, како еден од поддржувачите на натпреварот, на сите финалисти им додели ваучери во вредност од 1.500 денари, а на учениците кои се пласираа на второ, трето, четврто, петто и шесто место им доделија дипломи за постигнат висок успех и ваучери во вредност од 3.000 денари.

Според постигнатите резултати на финалниот натпревар првите шест места ги освоија ученици од скопските средни училишта, по апсолутната победа на Марко Марковиќ, следат:

 

2 место-Филип Здравески од СУГС„Раде Јовчевски Корчагин“

3 место-Дарјан Живадиновиќ од СУГС„Д-р. Панче Караѓозов“

4 место-Кристијан Ангеловски од СУГС„Јосип Броз Тито“

5 место-Кристијан Марков од СУГС„Д-р. Панче Караѓозов“

6-место- Јована Мурџева од СУГС„Никола Карев“.