ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТРАЈАНОВСКИ ГИ ПОСЕТИ НАСЕЛЕНИТЕ МЕСТА ПОГОДЕНИ ОД ГОЛЕМОТО НЕВРЕМЕ 07.8.2016

 

 

 

 

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски денеска /07.08.2016 година, недела/ посети поголем број на населени места кои беа погодени од големото невреме.

Заедно со Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов и претставници на АРМ, денеска го посетија населеното место Стајковци, кое е едно од најпогодените од вчерашното невреме. На терен беа и екипи на сите јавни претпријатија на Град Скопје, како и механизација од државните претпријатија и приватни компании.

Подоцна градоначалникот Трајановски го посети населеното место Црешево, каде оствари средба со жителите и претставници на месната заедница. На оваа средба беа утврдени приоритетните потреби за расчистувањето и нормализирањето на состојбата во ова населено место.

Подоцна, градоначалникот Трајановски, заедно со премиерот Емил Димитриев, вицепремиерот Арбер Адеми, министрите за внатрешни работи, труд и социјална политика, здравство, транспорт и врски, Митко Чавков, Диме Спасов, Никола Тодоров и Владо Мисајловски, како и градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски ги посетија населените места Стајковци, Брњарци, како и ОУ „25 Мај“ каде се сместуваат дел од привремено раселените лица од регионите погодени од невремето.

За време на посетата на времениот кризен пункт во Стајковци, лоциран во Основното училиште „Свети Кирил и Методиј“ се слушнаа забелешките и потребите на граѓаните, а се договараа и следните чекори во справување со состојбата, како доставата на вода за пиење на жителите на овие региони, насочување на механизацијата во најприоритетните локации, доставата за оброци и сместување на лицата кои имаат потреба за тоа, како и за доставата на поголем број на пумпи за отстранување на водата.