ПОСТАВЕН НОВ РЕКОРД НА ВИЗ ЕР СКОПСКИОТ МАРАТОН 2016 10.6.2016

 

 

 

 

Кенискиот маратонец Кипротич Кируи денеска /08.05.2016 година/ победи на 12-то издание на најпознатата и најмасовна спортска манифестација во нашиот град - Виз Ер Скопскиот Маратон 2016 и постави рекорд на патеката, со време од 2:12:36 часа. Тој зад себе ги остави своите сонародници Ричард Бет и Едвин Кирва, кои го освоија второто и третото место на трката на 42.195 метри, во машка конкуренција.

Меѓу маратонките најбрза беше Гледис Бивот од Кенија, а на второто и на третото место во женска конкуренција се пласираа Шевај Дебелу од Етиопија и Фабиола Вилијам од Танзанија.

Пехарите и признанијата на најдобрите маратонци на 12-то издание на Виз Ер Скопскиот Маратон 2016 им ги додели градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

Кај полумаратонците прв на целта пристигна Илир Келези од Албанија, а меѓу жените најбрза беше Даниела Бараќ од Србија. На најдобрите полумаратонци наградите им ги додели претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева.

Во хуманитарната трка на 5.000 метри во машка конкуренција најбрз беше Суад Криезиу од Македонија, а во женска конкуренција прва целта ја мина Рената Соколовска од Македонија. Како дел од денешниот Виз Ер Скопски Маратон се трчаше и штафетен маратон.

Денеска на улиците на Скопје истрчаа повеќе од 7.000 маратонци, полумаратонци и рекреативци од 46 земји и го преплавија градот со позитивна енергија.

Градот Скопје, организаторите и големиот број волонтери денеска реализираа уште едно успешно издание на Виз Ер Скопскиот Маратон.

И годинава, за оваа манифестација Градот Скопје од својот буџет издвои 1.200.000 денари, а ги стави на располагање и сите јавни градски претпријатија. Наградниот фонд на маратонот изнесува 17.100 евра.

За угледот и за реномето на Скопскиот маратон говори и податокот дека тој е важен и за исполнување на нормите за учество на сите најзначајни европски и светски шампионати, како и за Олимписките игри. 

Дванаесеттото издание на маратонот е под покровителство на Град Скопје и Мисијата на Европската Унија во нашата земја. Скопскиот маратон традиционално се организира по повод Денот на Европа.