ЗАПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ПАТОТ СРЕДНО ВОДНО – НЕРЕЗИ 10.9.2016

 

 

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски и директорите на јавните претпријатија за патишта Александар Стојанов и Гајур Кадриу денеска /09.09.2016 година, сабота/ присуствуваа на почетокот на реконструкцијата на регионалниот пат Средно Водно - Свети Пантелејмон.

Станува збор за целосна реконструкција на овој регионален пат во должина од Средно Водно кој води до Нерези во должина од околу 4,5 километри.

– Започнавме со уште еден проект по барање на жителите од Скопје. Се работи за реконструкција на регионалниот пат од Средно Водно кој води до Нерези во должина од 4,5 километри. Со реконструкцијата ќе се постави целосно нов асфалт или планираме да вградиме околу 100 тони асфалт. Вредноста на инвестицијата е 14 милиони денари. Очекуваме патот да биде завршен во рок од еден месец, изјави министерот Мисајловски.

Градоначалникот Трајановски се заблагодари на Владата на Република Македонија и министерот Мисајловски за реализацијата на овој проект, бидејќи истиот е од голема важност за жителите на Скопје.

- Станува збор за пат кој е од голема важност за рекреативците кои го користат истиот, но истиот има и големо значење и за развојот на туризмот, бидејќи тој претставува и алтернативно поврзување со манастирот „Свети Пантелејмон“ и комплексот „Македонско село“. Овој регионален пат до пред неколку години беше во надлежност на Градот Скопје и ние во 2009 година извршивме негова  реконструкција, а покрај патот поставивме урбана опрема. Сега по целосната реконструкција на патот, повторно ќе поставиме нова урбана опрема во вид на летниковци и клупи за потребите на посетителите на Водно, изјави градоначалникот Трајановски.

Регионалниот пар Средно Водно – Свети Пантелејмон ќе се реконструира во должина од 4,5 километри, во ширина од 3,7 до 4 метри, каде ќе се постави нов асфалтен слој во дебелина од 5 сантиметри.