ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТРАЈАНОВСКИ УЧЕСТВУВАШЕ НА ТРЕТИОТ САМИТ НА ЛОКАЛНИ ЛИДЕРИ НА КИНА 11.7.2016

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски изминатава недела зеде учество во третиот Самит на локални лидери на Кина и на  земји од Централна и Источна  Европа, која се одржа во кинеската провинција Хебеи, во градот Тангшан.

Градоначалникот Трајановски беше дел од шесточлена делегација на ЗЕЛС, каде покрај него присуствуваа и потпретседателите на ЗЕЛС, градоначалникот на Гостивар, Невзат Бејта и градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски. Освен локалните лидери и претставници од 15 кинески провинции на Самитот  учествуваа и кинескиот заменик премиер Ма Каи, Премиерот на Република Чешка, Бохуслав Соботка, како и голем број на компании од Кина и од земјите од ЦИЕ.

На овој самит градоначалникот Трајановски го потпиша договорот за пристапување во Асоцијацијата на гувернери на градови и региони  во рамките на процесот 16 +1 ( НР Кина и 16-те земји од ЦИЕ). Областите на соработка ќе се прошират во согласност со принципите на отвореност и инклузивност утврдени во „ Консензусот од Тангшан “, што на овој настан беше усвоен од  15 –те кинески провинции и нивните колеги од 16-те земји, членки на ЦИЕ. Тој е  насочен кон промовирање  на поврзувањето на локално ниво, зголемување на трговијата  и инвестициите, заштеда на енергија, заштита на животната средина, чиста енергија, образование и други области. Заменик премиерот, Ма Каи, ја посочи и потребата од синергија  и поврзување на 16+1 процесот и во проектот „ Патот на свилата“.

Покрај учеството на самитот, градоначалникот Трајановски оствари поголем број на средби, меѓу кои средби со  заменик премиерот на НР Кина, Ма Каи, со градоначалникот на  Тонгшаи и со поголем број кинески градоначалници.

Во рамките на посетата на Република Кина, делегацијата на ЗЕЛС реализира возвратна посета на Асоцијацијата на кинескиот народ за пријателство со странски земји, чии претставници минатата година во месец јули беа во просториите на ЗЕЛС, во Скопје.

На оваа средба градоначалникот Трајановски се сретна со потпретседателот на Асоцијацијата, Ксие Јуан (CPAFFC), како и со генералниот секретар, Кинг Боминг. Тие дискутираа за можностите за потпишување меморандум за  продлабочување на идната билатерална промоција на соработка во економијата, културата, образованието, спортот и на други полиња, како и на полето на збратимување на македонските со кинеските градови

Покрај средбите со претставниците на регионалните и локалните власти, делегацијата на ЗЕЛС  ја посети и фабриката за електронски уреди „Huawei“.