РЕАКЦИЈА НА СООПШТЕНИЕ НА ОПШТИНА ЦЕНТАР 11.8.2016

Градот Скопје повторно реагира на неоснованите обвинувања од страна на Општина Центар и градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски околу проектот за реконструкција и проширување на улицата „Тодор Александров“, на потегот од крстосницата со булеварот Мајка Тереза и улицата Белградска.

Како што наведовме во нашата претходна реакција, која следуваше по првиот бран на невистини изнесени од страна на Општина Центар и градоначалникот на Општина Центар, овој проект се реализира согласно со планската документација - ДУП населба „Цвеќара“ 28-4661/5 од 24.06.2013 година издадена од градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски. Дополнително, истата се реализира согласно со проект за инфраструктира за улица „Тодор Александров“ од раскрсница со улица „Мајка Тереза“ кон хотел Панорама, заведен под број 13.4490/1 на ден 01.07.2014 година. Овој проект се реализира согласно со сите законски прописи и Градот Скопје ги поседува сите потребни дозволи и согласности.

Имајќи го ова во предвид, не ни е јасно врз која основа Општина Центар и градоначалникот на Општина Центар си даваат за право да користат термини како „узурпација“, како и останати паушални обвинувања кои ги изнесуваат.

Повторуваме, поместувањето на оградата се прави со цел изградба на пешачка патека којашто ќе ја користат учениците на училиштето, посетителите на Водно и сите преостанати граѓани, и со неа ќе се зголеми нивната безбедност.

Дополнително, просторот што ќе се одземе од училишниот двор е со вкупна површина од 23 квадратни метри, со што воопшто нема да се наруши функционалноста на училиштето и училишниот двор. Станува збор за простор што е од минимално значење за училиштето, а тој простор ќе се искористи за изградба на пешачка патека која е од голема корист за учениците и за сите граѓани.