ИЛЈАДНИЦИ ЦВЕТОВИ И ЦВЕТНИ АРАНЖМАНИ ГО УКРАСИЈА ГРАДСКИОТ ПАРК 14.5.2016

   
         
   

 

 

 

 

Третото издание на Скопскиот цветен фестивал кој што денеска и утре (14.05 и 15.05) се одржува во вториот дел од Градскиот парк, на просторот наспроти „Паркот за миленици“, го привлече вниманието на огромен број граѓани кои имаа можност да купат цвеќе и цветни аранжмани, да ја изразат својата умешност со цвеќето, да добијат корисни совети, да се дружат на отворено и да се забавуваат.

Скопскиот цветен фестивал кој што годинава се одржува под мотото „1000 цвета за Скопје“ го отворија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Душан Авировиќ.

- Скопскиот цветен фестивал е традиционална градска манифестација која го слави цвеќето, зеленилото, природата и другарувањето на отворено. Градот Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ и годинава го организираат фестивалот на цвеќето токму во сезоната кога, поради поволните временски услови, луѓето поминуваат се повеќе време на отворено и ги разубавуваат своите тераси и градини со нови цветни насади и со ново зеленило. Токму затоа, ги поканувам моите сограѓани во текот на овие два фестивалски дена да дојдат во вториот дел од Градскиот парк, да го посетат Скопскиот цветен фестивал и да уживаат во колоритот на цвеќињата и на цветните аранжмани. Ги поканувам скопјани да се вклучат во интерактивните работилници, да ја покажат својата умешност во ракувањето со цвеќето, да се советуваат, да научат нешто ново, да си купат цвеќе и да ги доукрасат своите тераси и градини со ново зеленило, да се дружат со своите пријатели и да поминат убави мигови со своите најблиски, во природа. Сакам да истакнам дека во последните неколку години Скопје стана град на цвеќето. Преку континуирани акции, Градот Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ со цвеќе уредија голем број јавни површини со што придонесовме за разубавување на просторот. Нашата заложба сакаме да ја пренесеме и на другите институции, на приватниот сектор, но и на граѓаните да ја чуваат и заштитуваат средината во која живеат и да вложат во разубавување на околината – рече градоначалникот Коце Трајановски, на отворањето на фестивалот.

Директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Душан Авировиќ, рече дека третото издание на Скопскиот цветен фестивал ќе се одвива во текот на два фестивалски дена – денеска (14.05.2016 година, сабота) и утре (15.05.2016 година, недела) и на граѓаните ќе им понуди разновидни едукативни содржини и многу забава во природа.

Според програмата, во текот на двата фестивалски дена ќе се организира:

1. Цветен центар – претставување на фирми-излагачи од земјава и од странство, чија дејност е од областа на хортикултурата и производството на цветен и саден материјал (Грин планет; Хорти дизајн; Китка; Розен центар Фоја; Пинар С; ЈП „Паркови и зеленило“; Флораком; СУГС „Ѓорѓи Димитров“; Хортикултура МК (портал за хортикултура); Шумарски факултет Скопје и други.

2. Креативни работилници и иновации – на цветниот фестивал ќе се организираат креативни работилници за сите возрасни групи: Мојот прв насаден цвет - работилница за деца и изработка на цветни оригами, венчиња од цвеќе, работилница за изработка на цветен аранжман, основи на фотографија, цртање и боење, драмски перформанси, ликовни работилници, Македонско Монтесори здружение.

3. Дизајнирање цветна приказна - уредување на цветни градини.

4. Стручни совети за хортикултурно уредување – сите заинтересирани граѓани ќе имаат можност да се информираат за одгледувањето цвеќе и да добијат корисни совети од професори и дипломци од Шумарскиот факултет, СУГС „Ѓорѓи Димитров“ (насока хортикултура) како и останати стручни лица со искуство во планирање, уредување и одржување на зелениот простор.

5. Зона на забава – забавни и едукативни игри, ритмички и танцови групи, јога, пилатес, музички групи, oтворена галерија, мултимедијални перформанси и тематски претстави.

6. Еко пикник - место за одмор, релаксација, разговори, библиотека на отворено – разгледување и размена на списанија за уредување на надворешен простор. Вљубеници во пишаниот збор ќе читаат извадоци од книги проза и поезија.

 

На отворањето на цветниот фестивал денеска му претходеше цветно дефиле во кое учествуваа околу 450 деца од градинките и основните училишта, како и велосипедисти од неколку велосипедски здруженија. Дефилето тргна од пред фонтаната „Лотосов цвет" во Градскиот парк и се движеше низ Градскиот парк кон локацијата на фестивалот.

Покровител на овој цветен фестивал е градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, а организатор е ЈП „Паркови и зеленило“.

За посетителите, Скопскиот цветен фестивал ќе биде отворен денеска до 20 часот, како и утре (15.05.2016 година, недела) од 10 до 18 часот.