ПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА УЛИЦАТА НАРОДНИ ХЕРОИ 14.7.2016

 

 

 

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ и Секретарот на Град Скопје, Марјанчо Тодоровски, денеска /14.07.2016 година/ го означија почетокот на градежните работи за реконструкција на коловозот и на тротоарот на улицата Народни херои, во Кисела Вода.

- Со овој градежен зафат, улицата Народни херои ќе се обнови на потегот од крстосницата со улицата Димо Хаџи Димов до крстосницата со улицата Христо Татарчев, во должина од 416 метри. На оваа делница која е многу оштетена ќе се изгребе постојниот асфалт, ќе се нивелираат шахтите и сливниците, ќе се постават нови рабници, ќе се засили носечкиот слој и ќе се нанесе нов асфалт. Во текот на градежните работи ќе се обноват и тротоарите на ширина од 1,5 метри од двете страни, коишто ќе се покријат со бекатон-плочки на површина од 1.250 квадратни метри. Градежните работи на оваа делница треба да завршат за 90 работни дена. Градот Скопје за овој зафат ќе потроши околу 10,4 милиони денари – рече денеска градоначалникот Трајановски.

Трајановски додаде дека обновата на оваа улица ќе придонесе да се зголеми безбедноста за сите учесници во сообраќајот, во овој дел од градот.

- Градот Скопје ова лето реализира крупни инфраструктурни проекти во сите десет скопски општини. На територијата на општината Кисела Вода во тек е проширувањето на третиот дел од булеварот Борис Трајковски, на потегот од поранешната фабрика „Стакларница“ до влезот во населбата Пинтија, а се работи и на проширување на булеварот Србија до улицата Христо Татарчев – нагласи градоначалникот Коце Трајановски.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ, рече  дека обновата на улицата Народни херои е исполнување на уште едно ветување дадено пред граѓаните и се заблагодари на Градот Скопје за добрата соработка.

На реконструкција на улицата Народни херои, на потегот од крстосницата со улицата Димо Хаџи Димов до крстосницата со улицата Христо Татарчев ќе работат градежниците на Ју Бај 2 Амет Дооел Скопје.