РАБОТНИ АКТИВНОСТИ ВО СИТЕ НАСЕЛЕНИ МЕСТА ПОГОДЕНИ ОД ПОПЛАВАТА 14.8.2016

 

 

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, заедно со екипи на Градот Скопје и на јавните градски претпријатија ги продолжуваат деноноќните активности на терен за расчистување на последиците од катастрофалното невреме што во саботата го зафати Скопје.

Во присуство на градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, градоначалникот Трајановски денеска /14.08.2016 година, недела/ на терен ги координираше активностите на екипите на Штабот за заштита и спасување во населените места Инџиково и Стајковци. Активностите за расчистување на Инџиково се во понапредна фаза, каде сите улици се расчистени од кал, а во поголемиот број на куќи е извршена и дезинфекција.

- Во моментов на терен се работи со полна пареа и денеска во Стајковци и Сингилиќ работат повеќе од 250 возила во расчистување на теренот. Треба да се напомене дека Владата на Република Македонија донесе одлука со која ќе има сто отстотно обесштетување. Ние како Град Скопје, ќе му предложиме на Советот на Град Скопје да донесе одлука за ословодување на данок на имот, вода и ѓубретарина на поплавените подрачја – кажа градоначалникот Трајановски.

Покрај овие две населени места, градоначалникот Трајановски денеска, заедно со градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски работеа на терен во населеното место Сингилиќ, каде екипи на Ѓорче Петров работеа на отстранување на наносите од кал од улиците, како и собирање на уништена покуќнина која ги блокира споредните улици.

На терен во Сингилиќ, Ченто и Стајковци денеска работеа и волонтери од администрацијата на Град Скопје, ЈП „Градски Паркинг“ и ЈСП – Скопје, додека со машинерија на терен работеа и екипите за спасување испратени од Истанбул, Турција, кои делуваа со луѓе и механизација на миење и расчистување на улиците.