ПРОМОВИРАНИ НОВОИЗГРАДЕНИТЕ И РЕКОНСТРУИРАНИ ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ ОД РУТАТА 1 16.5.2016

 

Со велосипедско дефиле што се возеше по должината на  булеварот Илинден, а коешто го предводеше градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска /21.03.2016 година/ беа промовирани новоизградените и реконструирани велосипедски патеки од рутата 1, од проектот „СКОПЈЕ ВЕЛОГРАД 2017“.

- Денеска, на Денот на пролетта, ги промовираме новоизградените и реконструирани велосипедски патеки од рутата 1, од сложениот проект „СКОПЈЕ ВЕЛОГРАД 2017“, со кој ќе ја унапредиме велосипедската инфраструктура во Скопје и ќе ја зголемиме безбедноста во велосипедскиот сообраќај. Велосипедските патеки од рутата 1 овозможија поврзување на Гази Баба, преку центарот на градот со Карпош. Како дел од оваа рута, изгдрадивме и реконструиравме велосипедски патеки во вкупна должина од 7.600 метри, и тоа: на булеварот Александар Македонски, од клучката кај хотелот  „Континентал“, до клучката Естекада, од двете страни; на улицата Беласица, од булеварот Гоце Делчев до клучката кај хотелот  „Континентал“, од двете страни; на булеварот Гоце Делчев, од булеварот Крсте Мисирков до улицата Беласица, од двете страни; на булеварот Илинден, пред зградата на Владата и на потегот од крстосницата со булеварот Свети Климент Охридски до фонтаната „Лотосов цвет“, од двете страни и на булеварот Илинден, на потегот од Матично до крстосницата со улицата Љубљанска, од едната страна. За изградба и реконструкција на велосипедските патеки од Рута 1 и на пешачките патеки по нивната должина Градот Скопје вложи 48 милиони денари. Градежните работи ги изведуваа екипите на ЈП „Улици и патишта“ – рече денеска градоначалникот Трајановски.

Трајановски додаде дека Градот Скопје веќе интензивно работи на изградба и реконструкција на велосипедските патеки од Рутата 2 од проектот „СКОПЈЕ ВЕЛОГРАД 2017“ што треба да ги поврзат Аеродром – Центар – Карпош со Ѓорче Петров.

- Во наредниот период ќе следуваат градежни работи и на Рутата 3 којашто треба да ги поврзе Кисела Вода со Центар и Карпош и на Рутата 4 којашто треба да ги поврзе Бутел, Чаир и Центар. Овој проект треба да заврши во 2017 година, но ние правиме напори поголемиот дел од најавените велосипедски патеки да ги завршиме во текот на оваа, 2016 година. Ќе напоменам и дека имаме одлична соработка со неформалната група „На точак“ кои ни помагаат со сугестии и забелешки и се надевам дека нашата добра соработка ќе продолжи и натаму. Нашата цел е да создадеме добри услови за возење велосипед во Скопје и да ги поттикнеме граѓаните во што поголем број да користат велосипед како транспортно средство – нагласи градоначалникот Коце Трајановски.