ТРАЈАНОВСКИ ВО УВИД НА АКЦИЈАТА ЗА РАСЧИСТУВАЊЕ НА ПОПЛАВЕНИТЕ ПОДРАЧЈА 19.8.2016

 

 

 

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, заедно со Претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева и советничката во Советот на Град Скопје, Елизабета Гиовска, денеска /19.08.2016 година/ беа во увид на активностите за расчистување на теренот во Смилковци, Црешево, Виниче и во Страчинци.

Во овие села главните пристапни патишта и улици се расчистени, а водата и калта од куќите и од дворовите се исцрпени. Доколку дозволат временските услови, во деновите од претстојниот викенд ќе се спроведе голема акција за тампонирање и асфалтирање на оштетените коловози и нивно враќање во првобитната состојба.

Екипите на Град Скопје и на јавните градски претпријатија, противпожарната бригада, армијата, полицијата, Дирекцијата за заштита и спасување, надлежните министерства и државни институции заедно со потребната механизација се деноноќно на терен и ги расчистуваат последиците од големата поплава. Во селото Смилковци расчистувањето е во напредна фаза. Водата и калта се извлечени од сите куќи, подруми и дворови, а улиците се расчистени и проодни. Денеска во Смилковци интензивно се работи на расчистување на одводниот канал. Градоначалникот Трајановски посети голем број куќи во селото Смилковци и разговараше со граѓаните за нивните потреби и за текот на акцијата за расчистување.

И во селото Црешево е во тек акцијата за расчистување на последиците од поплавата. Досега се расчистени и проодни поголемиот број улици, а се изнесува и сметот и шутот. Во месноста Црвеника, во Црешево, досега се дезинфицирани сите 350 куќи, 31 камион со шут и отпад се изнесени на депонија, а се санираат и потпорните ѕидови. Денеска во Црешево ќе се работи на расчистување на приодите до нивите.

Во селата Виниче и Страчинци денеска се работи на расчистување и санација на главниот пат, како и расчистување на споредните улици.