ЦЕНТРАЛЕН СИСТЕМ ЗА ЗАТОПЛУВАЊЕ И РАЗЛАДУВАЊЕ ВО КОНЦЕРТНАТА САЛА ВО МКЦ 20.7.2016

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска /20.07.2016 година/ изврши увид во поставувањето на централен систем за затоплување и разладување на концертната сала во Младинскиот културен центар.

- По завршената тендерска постапка за поставување на централен систем за затоплување и разладување на концертната сала (Денсинг сала) во Младинскиот културен центар почна реализација на проектот. Средствата во висина од  милион и осумстотини илјади денари се обезбедени од Буџетот на Град Скопје. Со ова, по 40 години конечно ќе биде решен општопознатиот горлив проблем и неможноста за одржување на концерти, театарски претстави, и на преостанати настани во култната „Денсинг сала” во текот на летните месеци. Градот Скопје  во изминатите 4 години, континуирано од Буџетот одвојува финансиски средства за обнова на оваа јавна установа. За реализација на капиталните вложувања во МКЦ, во изминатите  години, Градот Скопје, од Буџетот издвои околу 26 милиони денари  за реконструкција на Денсинг  салата, реконструкција и санација на ентериерот на МКЦ и за набавка и инсталирање на 3Д опрема во кино Милениум, реконструкција на санитарните јазли во објектот на МКЦ, ликовната галерија и влезен хол, просторот на Планетариумот, реконструкција и пренамена на подрумскиот простор за музички клуб, реновирање  и техничко доопремување на Џепното кино и замената на сценскиот под на киното Фросина. Исто така, претходно за реконструкција на покривот, фасадата, прозорците и други градежни зафати во објектот на МКЦ, преку Европскиот ИПА фонд вложени се средства во висина од 640.000 евра или во денарска противредност  околу 40 милиони денари. Може да кажеме дека во изминативе години Градот Скопје заедно со МКЦ во реновирање на објектот на оваа јавна установа има вложено вкупно околу 70 милиони денари. Со реализацијата и на  овој проект- поставувањето на централни системи за затоплување и разладување во овие сали ќе бидат комплетирани и целосно функционални сите сали и капацитети во ЈУ Младински културен центар - истакна градоначалникот Трајановски.

Директорот на Младинскиот културен центар, Златко Стевковски, посочи дека по сите овие интервенции објектот е целосно реновиран и дека имаат набавено и дигитален проектор за Кино Фросина и аудио и светлосна опрема со која можат да ги задовалат барањата и вкусовите и на најпребирливите консументи, но и на алтернативни групи кои гостуваат.