ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТРАЈАНОВСКИ СЕ СРЕТНА СО УЧЕНИЦИТЕ ОД ТЕМПИ 21.6.2016

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска /10.06.2016 година, петок/ оствари средба со средношколците од Град Темпи, од Соединетите Американски Држави, коишто традиционално, секоја година доаѓаат на меѓународна училишна размена кај нивните врсници од Скопје.

Годинава домаќини на гостите од Темпи се: Мартин Перчиниќ, Филип Сотироски, Клара Ѓечова и Олга Дамовска, а во нашава држава овие четири недели ќе престојуваат: Елизабет Капел, Џереми Он,Бренден Марфи и Лорен Ламбертод Град Темпи.

Тие во Македонија пристигнаа во среда и ќе престојуваат до 11.07.2016 година, додека децата од Скопје ќе одат во САД на 14 јули и ќе останат 5 недели. 

- Добредојдовте во Скопје и Република Македонија, навистина ни претставува задоволство што и оваа година сме ваши домаќини. Оваа размена на ученици е само дел од активностите помеѓу Скопје и Темпи, кои имаат одлична соработка која датира од збратимувањето на градовите во 1971 година. Се надевам дека ќе имате убав престој во Македонија и Скопје и дека ќе имате можност одблиску да се запознаете со нашата култура, обичаи и историја - истакна градоначалникот Трајановски.

Далечната 1971 година во Темпи, Аризона, делегација од Град Скопје, по повод Годишната конференција на збратимени градови со САД, на иницијатива на претседателот на Корпорацијата на збратимени градови со Темпи, потпиша документ за збратимување со овој град. Господинот Ричард Њухајзл (Richard Neuheisel), е почесен граѓанин на Скопје.