ФОРУМ ЗА ПАМЕТНА МОБИЛНОСТ И ЈАВЕН ПОВИК ЗА ПОМИНУВАЊЕ ЗЕЛЕН ДЕН ВО СКОПЈЕ 21.9.2016

 

Денеска /21.09.2016 година/ во просториите на Јавна соба – Центар за дизајн и иновации се одржа форумот „Паметна мобилност, силна економија“, а беше објавен и повикот „Како да поминете еден поинаков, зелен ден во Скопје“, како дел од активностите на Град Скопје на шестиот ден од Европската недела на мобилност 2016.

На форумот „Паметна мобилност, силна економија“ беа претставени проектите на Градот Скопје за одржлива мобилност. Особен акцент беше ставен на проектот „СКОПЈЕ ВЕЛОГРАД 2017“, проектот за унапредување на велосипедската инфраструктура во градот и неговите придобивки за граѓаните и за зачувувањето на животната средина, на проектот за автоматска локација на возилата во јавниот превоз и на електромобилноста.

Претставници од бизнис-заедницата, пак, ги споделија своите искуства за инвестирањето во електромобили и хибридни возила, за поттикнувањето на своите вработени на работа да доаѓаат пеш или со велосипед, а како и за можностите за креирање зелени работни места, како во компаниите за достава на пратки и пошта со велосипед.

Како дел од форумот беа презентирани активностите на Град Скопје за реализација на проектот за воспоставување зелени коридори по должината на течението на реките Лепенец и Серава и нивното значење за животот на градот. Се зборуваше и за улогата на медиумите и на ИТ секторот за промоција на паметната урбана мобилност.

Денеска, Градот Скопје  во соработка со УНДП го објави и повикот „Како да поминете еден поинаков, зелен ден во Скопје“, преку користење и комбинирање различни видови транспорт за туристички и рекреативни активности, како можност за развој на еко-туризам во градот и изнаоѓање нови туристички понуди за скопјани, но и за посетителите. Според условите на конкурсот, предложените рути треба да бидат наменети за туристички и рекреативни активнсти за граѓаните како нова туристичка понуда, односно места до кои ќе се патува со комбинирање различни видови транспорт – пеш, велосипед, јавен превоз, електрични или хибридни возила, без користење возило на бензин или дизел. На повикот со свои идеи може да се пријавуваат лица постари од 18 години, како и правни субјекти, а рокот за пријавување е до недела, 6 ноември 2016 година. Пријавите може да се доставуваат на меил-адресата: infoekologija@skopje.gov.mk. Подетални информации за повикот може да се добијат на телефонскиот број 3297 – 273 во Секторот за животна средина во Град Скопје.

Победничката рута ќе биде објавена на 13 ноември. Најиновативната идеја ќе биде наградена со велосипед на расклопување и ќе биде промовирана пред туристичките оператори.

Градот Скопје ја реализира Европската недела на мобилност 2016 во соработка со невладината организација ОРТ, како и со Делегацијата на Европската Унија во нашата држава, Министерството за животна средина и просторно планирање и Програмата за развој на Обединетите нации.