ЗАПОЧНУВА 37 ИЗДАНИЕ НА „СКОПСКО ЛЕТО“ 22.6.2016

Со гала оперски концерт  на платото пред Македонската опера и балет, како и со  изложбата на скулптури „Обичен човек“ на Жарко Башески во галеријата „Чифте амам“, на 21 јуни (вторник) и официјално ќе биде отворена 37-мата манифестација „Скопско лето“.

Годинава „Скопско лето“, кое е во организација на Дирекцијата за култура и уметност - Скопје, а покровители се Министерството за култура и Градот Скопје, ќе биде со богата програма, која е составена од 52 уметнички настани. Овие настани се од различен карактер и истите се составени од 19 музички настани-концерти, 10 ликовни изложби, 9 театарски претстави, 11 филмски проекции...

Програмата за годинешново издание на „Скопско лето“ на денешната прес-конференција ја презентираше директорот на Дирекцијата за култура и уметност на Град Скопје, Никола Глигоров, деталите за настаните, учесниите и локациите каде што ќе се реализираат настаните од програмата. Според Глигоров, оваа година во организацијата се вметнати голем број новитети, пред се од аспект на локациите на одржување на настаните, односно голем број од активностите ќе се одвиваат на отворени простори, како на повеќето плоштади во централното градско подрачје, како и на повеќе локации во Старата скопска чаршија.

37-то издание на „Скопско лето“ ќе биде едно од најмасовните досега, бидејќи во истото ќе учествуваат над 900 уметници од домашната сцена, како и гости од 19 странски држави.

Во организацијата на оваа манифестација се вклучија голем број  институции од областа на културата: Конгресниот центар „Александар Македонски“, Факултет за ликовни уметности, Македонска опера и балет, Македонски народен театар, Драмски театар – Скопје, Музеј на град Скопје, Национална галерија на Македонија и Културно – информативен центар – Скопје.

Дел од „Скопско лето“ годинава ќе биде програмата Кафе-кино, која ќе се одржува од 2-ри до 11 јули во Сули ан, а собраните средства ќе бидат наменети за хуманитарни цели.