ГРАД СКОПЈЕ ГИ РАСЧИСТУВА НАСИПИТЕ И ГРАДЕЖНИОТ МАТЕРИЈАЛ ОД КОРИТОТО НА РЕКАТА ВАРДАР 21.3.2018

 

 

 

 

За да се намали опасноста од излевање на реката Вардар при поголеми врнежи од дожд, екипите на Град Скопје денеска, во центарот на градот, почнаа акција за расчистување на насипите и градежниот материјал натрупан во коритото на реката.

На почетокот на акцијата за чистење присуствуваше и градоначалникот Петре Шилегов.

- Денеска спроведуваме акција за расчистување на насипите и градежниот материјал од коритото на реката Вардар. Целта на оваа акција е да ја намалиме  опасноста од излевање на реката при поголеми врнежи од дожд. Насипите и градежниот шут во Вардар ја намалуваат проточноста на водата, а со тоа сериозно се зголемува ризикот од поплави. Од тие причини, овие неколку дена екипи на ЈП „Улици и патишта“ ќе работат на расчистување на теренот, а истовремено му е наложено на градежното претпријатие „Бетон“, како изведувач на објектот „Панорамско тркало“, да го среди своето градилиште и да овозможи максимална проточност на коритото во делот на тој пешачки мост. Дождовите ја открија опасноста по безбедноста на граѓаните, нивните имоти и објектите околу Вардар која е предизвикана од проектот „Скопје 2014“. Акцијата ќе трае се до целосно расчистување на коритото. Отстранетиот градежен материјал ќе се однесе во депото на ЈП „Улици и патишта“ во Железара. Безбедноста на граѓаните нема цена. Градот Скопје ќе направи се што е во рамките на неговата надлежност да ги заштити граѓаните од поплави и други несакани последици предизвикани од неквалитетниот проект „Скопје 2014“ – рече денеска градоначалникот Шилегов.

Тој ги повика и сите релевантни институции да се вклучат во отстранувањето на штетните последици од овој проект, со цел да се спречат дополнителни трошоци и да се осигура безбедноста на граѓаните.

Акцијата за расчистување на реката Вардар ќе се одвива во строгиот центар на градот, во делот од коритото меѓу мостот „Гоце Делчев“ и Камениот мост, поточно, кај првата галија, каде што е најтесно грлото на реката и постои најголема можност водата да се излее.