АКЦИЈА НА ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ВО ОПШТИНА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ 28.3.2017

Продолжуваат активностите во рамките на четиринаесеттиот циклус на посети на скопските општини, каде што денеска /13.03.2017 година, понеделник/ се одржа средба со урбаните и месните заедници од Ѓорче Петров.

На оваа средба службите на Општина Ѓорче Петров, заедно со претставници на урбаните и месните заедници од Ѓорче Петров, одржаа средба со претставници на градската администрација и сите јавни претпријатија на Градот Скопје. На оваа средба претставниците на урбаните и месните заедници имаа можност да дискутираат за работата на јавните претпријатија, да даваат предлози и сугестии за подобрување на нивното функционирање на терен, а истовремено сите учесници во овие состаноци го составија акциониот план за активностите на јавните претпријатија во наредниве 7 дена.

- Денеска ја продолжуваме пролетната акција за чистење на општините во Скопје, каде што минатата недела бевме во Општина Кисела Вода. Новина во средбите и посетите оваа година е тоа што на територијата на соодветната општина јавните претпријатија ќе извршуваат активности од нивниот делокруг на надлежности цела недела, за разлика од минатото кога  тоа траеше 3 дена. Оваа акција ја започнавме во 2009 година и ја спроведуваме два пати годишно и мислам дека истите имаат дадено одлични резултати. Градските јавни претпријатија во овој период на терен ќе работат интензивно за да се завршат што е можно повеќе работи, се со цел подобрување на условите на живот на жителите на Скопје – кажа градоначалникот Трајановски.

Јавните претпријатија на Градот Скопје ќе спроведуваат засилени активности во период од 7 дена, каде што ќе извршуваат работи што се во нивни надлежности.

- ЈП „Паркови и зеленило“ ќе работи на кастрење на крошните на дрвјата, сечење  суви гранки, садење цвеќиња.

- ЈП „Комунална хигиена“ ќе врши чистење и миење на улиците, како и замена на оштетените контејнери.

- ЈП „Водовод и канализација“ ќе работи на чистење и поправка на сливниците, отстранување  дефекти во водоводната мрежа, како и санирање прекопи.

- ЈП „Улици и патишта“ ќе вршат санација на улиците, како и на подобрување на хоризонталната и на вертикалната сигнализација.

- ЈСП Скопје ќе работат на чистење на автобуските постојки и просторот околу нив.

 

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски, ги поздрави редовните средби и оцени дека истите даваат позитивни резултати.

- Пролетната акција за чистење е широко поздравена и поддржана од граѓаните на Ѓорче Петров. На средбите претседателите на урбаните и на месните заедници ги потенцираа приоритетните проблеми и локации коишто треба да се опфатат со оваа акција. Покрај активностите на градските јавни претпријатија, во оваа акција ќе се вклучат и граѓаните, како и приватна фирма што ја ангажира Општината. Оваа акција ќе се искористи за собирање кабаст отпад, па затоа апелирам до сите жители кои имаат ваков отпад  (делови од мебел, предмети за домаќинство, електрични апарати и др.) да го изнесат пред нивните домови или во близина на постојните контејнери, за екипите на претпријатието истиот да го соберат – кажа градоначалникот Митровски.