ОВОЈ БАДНИК БЕЗ ОТВОРЕНИ ОГНОВИ НИЗ СКОПЈЕ 19.1.2018

 
     
 

 

 

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, денеска присуствуваше на традиционалното собирање на бадникови гранчиња, кое се одржа во месноста Говрлевска Краста, на јужните падини на Водно. Оваа прослава традиционално се одржува по 26-ти пат и истата е во организација на Здружението за традиционална прослава на Бадник.

На овој собир, градоначалникот ја искористи можноста да ги повика граѓаните на Скопје да се воздржат од палењето отворени огнови за време на Бадник, апел којшто беше усогласен по петочниот работен состанок со градоначалниците на сите скопски општини. Тие донесоа заедничка одлука за забрана за доделување на дрва од општините за истата намена, со цел да се спречи дополнително загадување на воздухот во град Скопје.

„Апелирам до скопјани да не се палат огнови на отворено по повод прославата на божиќните празници, со цел да ја заштитиме животната средина, а и да го заштитиме амбиенталниот воздух. Да се посветиме на иднината и да водиме сметка за здравјето на децата“, посочи Петре Шилегов.

Во друштво на скопскиот градоначалник, присуствуваа кумот за овогодинешната прослава, Влатко Огненовски – Шеф, овогодинешниот здравичар, Стефан Хаџи Николов – Штеф, минатогодишниот кум Радко Манов, како и повеќе поранешни кумови, здравичари и свештени лица од МПЦ.

Присутните ги поздрави градоначалникот Шилегов и им се заблагодари на членовите на одборот за прослава на Бадник којашто со години наназад ги обединува и ги зближува граѓаните на Скопје. Тој им посака успешна организација, а на граѓаните на Скопје им пожели добра забава и пријатна празнична атмосфера.

„Ја продолжуваме традицијата на пресекување на бадникови гранчиња во пресрет на големите христијански празници Бадник и Божик. Традиционално тука, на падините на Водно, во месноста Краста со пресекување на бадниковите дабови гранчиња кои се симбол на радоста и среќата, започнуваат подготовките за прославата на Бадник“, изјави градоначалникот Шилегов.