12 ГОДИНИ БАСКЕРФЕСТ ВО ГРАДОТ! 17.6.2017

 

 

 

Годинешново издание на фестивалот за улична уметност БАСКЕРФЕСТ 2017, кое подготви одлична баскер програма надополнета со музика на денешната прес-конференција го најавија Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и Сандра Темова од организаторот на настанот компанијата „Темов“.

- Баскерфест 2017 официјално ќе почне утре /16 јуни, петок/ во вечерните часови, а ќе трае до 25 јуни. Оваа година фестивалот ќе се одржи на плоштадот „Македонија “.Баскерфест ја пречекува публиката не само со улични артисти и музика во живо туку и со низа различни понуди за незаборавна забава: претстави, пантомима перформанси, улични танчери, креативни активности, ликовни изложби, базар на ракотворби, работилници, од странски и од домашни артисти. Македонија организирајќи го БАСКЕРФЕСТ во 2006 година, стана прва земја на Балканот со ваков вид на фестивал. Ова е фестивал со уникатен концепт и нова, поинаква понуда за својата публика, Сакам да им се заблагодарам на компанијата „Темов“ што го организира овој фестивал и им нуди несекојдневна забава на нашите сограѓани, а воедно ги повикувам скопјани да го посетат овој фестивал и да ги проследат разните настапи на уличните забавувачи, музичките настапи и преостанатите содржини на овој прекрасен настан, изјави градоначалникот Трајановски.

Сандра Темова најави  дека за присутните во текот на следните 11 дена ќе бидат поставени три стејџа каде што ќе се одвива програмата на фестивалот секојдневно од 19:00- 23:00, односно дека ќе има и детско катче за најмалите, каде што децата ќе може да се вклучат во различни забавни активности од 18:30- 20:00, а музичката програма пак ќе биде секој ден од 22:00- 01:00 часот.  Годинава фестивалот ќе почне со парада од плоштадот Македонија до крајот на улица Македонија.

За престојниов Баскерфест се најавени многу интересни артисти од целиот свет меѓу кои Барбароса, Пеперониус, Винил Брнс, Јаника Белиза, Хозе Енрикес, како  и господин и госпоѓа Бабл и дуито Мајсторот и Маргарита, коишто беа присутни на денешната конференција за медиумите.

И оваа година Град Скопје ќе го поддржи организирањето на овој фестивал на уличната уметност, којшто ќе се одржува во период од 16 до 25 јуни со 1.200.000 денари.

Баскерфест 2017- Позитивни вибрации во градот!