ОСТАВЕТЕ ГИ АВТОМОБИЛИТЕ ДОМА, БЕСПЛАТЕН ЈАВЕН ПРЕВОЗ ЗА СИТЕ 08.2.2017

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, на денешната /06.02.2017 година/ прес-конференција објави итни мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот.

- Во согласност со Законот за квалитет на амбиентниот воздух, а во насока на намалување на загадувањето на воздухот со кое сме особено соочени во последниве неколку дена, како и во согласност со ингеренциите што ги имам како градоначалник на Градот Скопје, ја информирам јавноста дека ги донесувам следниве мерки и препораки кои стапуваат во сила веднаш:

1. Воведуваме бесплатен јавен превоз за сите граѓани во Скопје, и во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници, се до моментот на намалување на загадувањето, за што јавноста дополнително ќе биде известена. Ги повикувам сите градоначалници од скопскиот плански регион да помогнат во субвенцонирањето на јавниот транспорт за полесно да ја поднесеме новонастанатата ситуација.

2. Градот Скопје ја интензивира контролата на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината.

3.  Го задолжувам ЈП „Комунална хигиена“ да го продолжи интензивното миење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и им препорачувам на скопските општини да го направат истото на улиците што се во нивна надлежност.

4. Доколку дозволат временските услови, Градот Скопје ќе продолжи да ги прска градските улици со средството калциум магнезиум ацетат.

5. Во согласност со сегашните прописи во градот не може да се воведе пар-непар, но затоа апелирам до надлежните министерства - за животна средина и просторно планирање, за внатрешни работи и за здравство да предложат измени во законот за да може да се спроведува оваа мерка.

6. Апелирам до вработените во Град Скопје на работа да доаѓаат со автобусите на јавниот превоз.

7. Службените возила на Градот Скопје ќе се користат исклучиво за потребите на градскиот инспекторат.

8. Градот Скопје и јавните градски претпријатија ги ослободуваат од работа лицата над 60-годишна возраст со хронични заболувања, како и бремените жени.

9. Градот Скопје изминатите денови вршеше интензивен инспекциски надзор на инсталациите што се во негова надлежност и притоа изврши контрола на 36 инсталации, со мерење на емисијата на ПМ 10. Притоа, е утврдено дека ниту една инсталација во наша надлежност не ги надминува граничните вредности.

10. Во врска со шпекулациите што се појавија во јавноста дека топланите загадуваат во Градот Скопје, ја информирам јавноста дека инспекцискиот надзор спроведен викендов во сите топлани, а тоа се Топлификација АД – Топлана Скопје Север, Балкан Енерџи Груп, АД ЕЛЕМ Енергетика, Топланата на Клиничкиот центар и Топланата на Болницата „8.Септември“ покажа дека сите посочени топлани работат исклучиво на гас, што значи дека не загадуваат и не поседуваат никаква залиха на мазут или нафта.

11. Комуналните инспектори на Град Скопје во изминатиов период направија 1.000 контроли и изрекоа 12 казни на компании заради непочитување на одредбите на Одлуката за комунален ред во Скопје.

12. Го повикувам Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции. Притоа, сакам да нагласам дека Инспекцијата на Град Скопје ќе продолжи со засилени вонредни ноќни дежурства и контроли на инсталациите што се во наша надлежност.

13. Барам од Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите на почитување на забраната за движење на тешки товарни возила чијашто крајна дестинација не е Градот Скопје и кои се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација.

 

Овие мерки и препораки ќе важат се до надминување на настанатата ситуација со загадувањето на воздухот, односно до намалување на загадувањето под прагот на алармирање – нагласи градоначалникот Коце Трајановски, на денешната прес-конференција.