СО УРЕДУВАЊЕ И УРБАНИЗИРАЊЕ НА БИТ-ПАЗАР ЌЕ СЕ ОТСТРАНАТ НЕЛЕГАЛНО ПОСТАВЕНИТЕ ТЕЗГИ 21.4.2018

Град Скопје и Општина Чаир со поддршка на Еснафот на Старата скопска чаршија и Комората на трговци на Република Македонија преземаа обврска пред граѓаните да ги ослободат улиците и тротоарите на Бит-пазар од сите препреки што му пречат на нормалното одвивање на сообраќајот во кој учествуваат моторните возила, велосипедистите и пешаците на Бит-пазар.

Оваа акција е предвидена поради планот за урбанизирање на овој простор каде што ќе има нова такси-станица, ќе се засадат дрвореди, ќе се уредат зелените површини и ќе се постават заштитни столпчиња на тротоарите од двете страни на булеварот.

За таа цел, предвидено е да се отстранат сите тезги што се незаконски поставени на површините во околината на Бит-пазар и Старата скопска чаршија.

- Градот Скопје има разбирање дека трговците кои работат на овие нелегално поставени тезги вложуваат многу труд за да заработат за основните средства за живот. Затоа, во соработка со „Скопски пазар“ на овие луѓе им  обезбедивме да им бидат понудени на користење тезги во рамките на Бит-пазар под одредени поволни услови. За таа цел, овие лица треба да склучат договор со „Скопски пазар“ А.Д Скопје, но претходно да се јават на телефонскиот број 02/3111 880, најдоцна до 05.04.2018 година. Сите оние што нема да го сторат тоа и ќе продолжат да продаваат на улица или на тротоар ќе бидат казнети во согласност со Законот од надлежните инспекциски органи. Овој чекор се презема со цел да се вратат купувачите во чаршијата и на пазарот и да се овозможи полесна пристапност до тезгите и дуќаните. Воведувањето ред на ова место значи и поголема безбедност и пофункционален град – рече на денешната прес-конференција портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху.

Покрај урбанизирањето на делот кај Бит-пазар, дополнително се планира да се уредат и осветлат и пасажите во Старата скопска чаршија.

- Нашата цел е заедно да изградиме партнерски однос при што никој нема да биде оштетен, ниту трговците, ниту учесниците во сообраќајот. Скопје е град за сите и затоа посветено работиме за доброто на сите наши сограѓани. Сите сме еднакви пред законите и сите заедно ќе ги искористиме предностите на оваа координирана акција на повеќе државни институции и трговски организации. Веруваме дека нашите сограѓани многу брзо ќе ги согледаат придобивките од ваквиот потег и ќе ја поздрават оваа иницијатива за конечно решавање на проблемите со кои повеќе години се соочуваат граѓаните на Скопје на овој потег – истакна Салиху.