ГРАД СКОПЈЕ СО РЕЧИСИ ТРИПАТИ ПОГОЛЕМ БУЏЕТ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА ВО 2018 ГОДИНА 24.12.2017

Советот на град Скопје во вторник (19.12.2018 година) ќе одржи седница на која треба да го усвои буџетот на Град Скопје за 2018-та година. Во предлог-буџетот се предвидени многу повеќе средства за животна средина споредено со ребалансот на буџетот од 2017-та година, предложен од претходното градско раководство.

Според новиот буџет на Град Скопје за 2018-та година, во секторот за заштита на животна средина се планирани 141 милиони денари, што претставува речиси трипати повеќе од ребалансот на буџетот од 2017-та година којшто за овој сектор предвиде само 48 милиони денари. За реализација на планираните проекти за заштита на животна средина во 2018-та година, со финансиска поддршка од Град Скопје, граѓаните ќе добијат 10 милиони денари субвенции при набавка на инвертери за затоплување, а приватните компании кои учествуваат во јавниот превоз на патници, ќе добијат субвенции во висина од 20 милиони денари со цел да се инсталираат уреди на гас и да се купат автобуси кои задоволуваат ЕУРО 5 И ЕУРО 6 стандард. 

Покрај субвенциите од 20 милиони денари за ЈСП за бесплатен превоз во денови на алармантно загадување на воздухот, новитет во градскиот буџет е планираното субвенционирање од 100 милиони денари на ЈСП при набавка на зглобни електрични автобуси.

За училиштата ќе се обезбедат 90 милиони денари за реконструкција на енергетско-ефикасни фасади, како и 12 милиони денари за опремување на училниците со прочистувачи на воздух. Во склоп со буџетот за 2018-та година, предвидени се и зелени проекти за кои ќе има 10 милиони денари за кофинансирање на изработка на зелени кровови со соодветни институции. Град Скопје продолжува и со мерката за субвенционирање при набавка на печки на пелети за што се наменети 15 милиони денари, а ќе бидат обезбедени и финансиски средства во висина од 1.6 милиони денари за обука на оџачари.

Развојниот буџет предвидува и дополнителни проекти кои директно или индиректно влијаат во заштитата на животната средина, а се во делот на инфраструктурата што вклучува изградба, одржување и реконструкција на велосипедски патеки, средствата се зголемени за трипати и изнесуваат 30 милиони денари, а граѓаните ќе добијат и дополнителни субвенции од 10 милиони денари при набавка на велосипеди.