ГОЛЕМО ПРИЗНАНИЕ ЗА CINEDAYS 31.5.2018

Фестивалот на европски филм CINEDAYS чиј организатор е Младинскиот културен центар, културна установа на Градот Скопје кој традиционално дава финансиска поддршка на овој фестивал, успеа да се акредитира во меѓународната асоцијација FIAPF и да се здобие со големото признание “Competitive film festival specialized in European first and second feature films”.

Одлуката за зачленување на CINEDAYS во специјалната селекција од 47 акредитирани фестивали во светот досега, е донесена со едногласна одлука за време на Генералното собрание на FIAPF на 18. февруари 2018.

CINEDAYS со оваа одлука е рамо до рамо, со 47 фестивали од светот, вклучувајќи ги Кан, Берлин, Сан Себастијан, Торонто и Венеција, кои се исто така акредитирани преку оваа програма која гарантира висок квалитет дефиниран во оваа важна меѓународна федерација. 

FIAPF претставува единствена федерација на филмски и на телевизиски продуценти со глобално значење, вбројувајќи 38 продукциски куќи од 31 земја во светот, застапувајќи заеднички економски, правни и регулаторни интереси на филмската и на телевизиска индустрија од сите пет континенти во кои е застапена.

CINEDAYS е единствениот фестивал на европски филм во Македонија, основан во 2001 година на иницијатива на шпанскиот режисер Педро Алмодовар и Вивиен Рединг, поранешен комисионер за Едукација, млади, медиуми, спорт и култура на Европската комисија како „недела за славење на европската кинематографија“ во сите европски метрополи.

Во текот на своите 17 години постоење, CINEDAYS прерасна од ревија во вистински филмски фестивал кој ги почитува стандардите за квалитет дефинирани од светската филмска индустрија, со силна и атрактивна програма и за домашната и за меѓународната филмска публика.

FIAPF во својата одлука, ја истакнува и важната и несебична работа на организаторите на фестивалот, а истовремено ја укажува и својата верба дека фестивалот има одлична подлога за понатамошен развој важен за градот Скопје, за Македонија, но и за Источноевропската филмска индустрија.