ЕКИПИ НА ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ГО ЧИСТАТ СНЕГОТ ОД ПЕШАЧКИТЕ ПАТЕКИ И ЈАВНИТЕ ПОВРШИНИ 20.1.2017

 

 

 

 

Продолжуваат активностите на екипите на зимската служба на Град Скопје кои интензивно работат на терен на расчистување на градските улици и булевари и истите во моментов се расчистени и проодни.

Изминатиов период, екипи од јавните претпријатија на Градот Скопје работат на расчистување на снегот и мразот од тротоарите и јавните површини, каде денеска се фрлени околу 20 тони индустриска сол.

Во расчистувањето на тротоарите и јавните површини ангажирани се 116 работници и механизација од ЈП „Комунална хигиена“, како и 70 работници и механизација од ЈП „Паркови и зеленило“.

Дополнително, на терен работат и 70 работници од ЈП „Водовод и канализација“ кои работат на чистење на сливниците.

Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите.

Потсетуваме дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и одредени градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување.

Апелираме до граѓаните, куќните совети и сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска за чистење на снегот од приодите до нивните објекти.

JП „Комунала хигиена“ апелира општините да ја реализираат нивната обврска за чистење на улиците кои се во надлежност на општините и апелира за поголема ажурност во оваа област, со цел непрекинато собирање на комуналниот смет.