ОГРОМЕН ИНТЕРЕС НА ГРАЃАНСКИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА ЗА ЈАВНАТА ДЕБАТА ЗА ГАСОВОДОТ НА ВОДНО 19.9.2018

 

 

Голем број граѓани и граѓански здруженија денеска присуствуваа и учествуваа во јавната дебата што ја организира Градот Скопје во врска со изградбата на гасоводот на Водно. Дебатата имаше за цел да помогне во расветлувањето на многубројните дилеми и прашања за овој проект што се појавија во јавноста и кои предизвикаа загриженост кај граѓаните и кај здруженијата за заштита на средината.

 

 

 

- Како што ветив, јас како градоначалник не можам немо да го набљудувам овој процес. Затоа сме денеска тука да ги слушнеме аргументите на сите засегнати страни, на претставниците на институциите вклучени во процесот на изградбата на гасоводот, како и на претставниците на иницијативата „Го сакам Водно“. Нашите намери се транспарентни и немаме што да криеме од јавноста. Затоа сме денеска тука на оваа дебата која е отворена за јавноста и се пренесува во живо со цел сите заинтересирани граѓани да можат да ја проследат. Ги поканивме и сите институции кои на кој било начин имаат надлежности поврзани со изведбата на оваа траса: Министерството за животна средина и просторно планирање, Агенцијата за просторно планирање, Државните инспекторати за градежништво и урбанизам и за животна средина, јавните претпријатија „Македонски шуми“ и „Паркови и зеленило“, Шумарскиот факултет, Општина Сопиште, Стопанската комора на Македонија, Сојузот на стопански комори на Македонија и Стопанската комора на Северозападна Македонија. Се надевам дека наскоро ќе присуствуваме на  уште една дебата поврзана со изградбата на гасоводот каде што ќе слушнеме издржани аргументи во врска со овој проект – рече на денешната дебата градоначалникот Шилегов.

 

 

 

На денешната дебата, за проектот за изградба на гасовод на линија на Водно и за придобивките од процесот на гасификација зборуваа министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, министерот за економија, Крешник Бектеши, заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули и директорот на МЕР, Бајрам Реџепи.

Во дебатата со свои аргументи се вклучија и десетина граѓани и претставници од граѓанските здруженија кои побараа ревизија на проектната документација и промена на трасата на гасоводот.