ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА ПОЖАРНИКАРСТВОТО 2017 10.6.2017

Градот Скопје на 20 мај традиционално го одбележа Денот на пожарникарството во противпожарната станица во Автокоманда. Прославата почна со свечено постројување на скопските пожарникари, а командантот на  Противпожарната бригада на Град Скопје, Звонко Томески, на градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски му поднесе рапорт.

 

- Изминативе години Градот Скопје работеше на модернизација на опремата на противпожарната бригада, како и вработување на нови млади пожарникари. Имено, во 2012 и во 2017 година и кадровски беше зајакната, со што беа вработени 55 нови пожарникари, кои претходно беа обучени и поминаа процес на претквалификација во средното градско училиште Марија Кири Склодовска кои со успех ја совладаа предвидената програма и добија сертификати. Изминативе 8 години Градот Скопје вложи многу ресурси и енергија за опремување и модернизација на противпожарната бригада на Град Скопје, каде како најважни инвестиции може да се издвојат: Во текот на 2010 година реновиран е дел од санитарните јазли во станицата во Автокоманда, реновиран е дел од противпожарниот потцентар „Тафталиџе“, набавена е канцелариска опрема, мебел и постелнина за подобрување на условите во сместувачките капацитети, како и информатичка опрема за потребите на Бригадата. Противпожарната бригада на градот Скопје доби донација противпожарна опрема од збратимениот град Нирнберг. Станува збор за 150 апарати за дишењена нормален притисок, 450 челични и  80 композитни шишиња за притисок од 300 бари. Износот на донацијата од градот Нирнберг е во висина од околу 300.000 еврa.

Во 2011 година за потребите на бригадата набавени се три нови противпожарни возила за гаснење пожари во урбана средина. Едното противпожарно возило е набавено од Градот Скопје, а две противпожарни возила се донација од Владата на Република Македонија. Сакам да се заблагодарам на Владата за помошта која ни ја дава за противпожарната бригада. Градот Скопје за набавка на противпожарното возило од буџетот издвои околу 13,600 000 денари. Со инвестиција од 1.200.000,00 денари набавен е и заменет стариот дотраен репетитор за нормално функционирање на радиоврските кои се неопходни во секојдневното работење на единицата и после долго време направено е сервисирање на хидрауличната платформа која е доведена во исправна состојба со што се остварени предуслови за успешно интервенирање на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје во случаи кои има потреба од интервенции на височина.

Во 2012 година се набавени: Едно теренско командно возило од марката "Daчia dаster" за чија набавка беа издвоени 1 милион денари, кое е ставено во употреба; професионални заштитни чевли за пожарникарите за што се одвоени околу 700.000 денари; 250 заштитни шлемови, 250 батериски светилки, во вредност од 4,5 милиони денари  и две пумпи за вода со капацитет на испумпување на вода од 1500 литри  вода за една минута, за што беа издвоени 1,3 милиони денари.

Во 2015 година се набавени: интенданска опрема (душеци, перници, ќебиња и чаршави); опремени се со клима уреди и просториите кои ги користат пожарникарите за пасивен одмор; летна и зимска работна униформа за сите вработени во единицата со вредност од 4.000.000.00 денари;  чизми за шумски пожар во вредност од 1.800.000.00 денари; зимски чевли за вработените во Бригадата во вредност од 1.500.000.00 денари.

Во 2016 година реновирани се потцентар Тафталиџе и потцентар Битпазар во вредност од околу 2.000.000.00 денари. Набавени  се  летни чевли за вработените во Бригадата во вредност од 1.300.000.00 денари; две преносни моторни пумпи на вода во вредност од 2.100.000.00 денари. Променети се дел од старите и дотраени гаражни врати во центар Автокоманда во вредност од 3.500.000.00 денари , а во тек е постапка на нова јавна набавка за промена на останатите исто во вредност од 3.500.000.00 ден.

Во 2017 година од страна на Дирекцијата за заштита и спасување  дониран ни е преносен хидруличен алат. Набавена е лична заштитна униформа за урбана средина како и лична заштитна униформа за шумски пожар во вредност од 10.000.000.00 денари – изјави Градоначалникот Трајановски.

 

Градоначалникот Трајановски потенцираше дека Градот Скопје и во иднина ќе продолжи со модернизирање и опремување на противпожарната бригада и истакна дека во тек е набавка на:  нов тетра дигитален систем за комуникација и командување во кој има нови рачни и мобилни радиостаници  кој ќе го замени стариот систем, во вредност од  7.000.000.00 денари; на преносен батериско хидрауличен алат за спасување во вредност од 1.850.000.00 денари; на заштитни ракавици за гасење пожари во урбан простор, метли и грбни пумпи за гаснење на пожар на отворен простор во вредност од 800.000.00 денари; на набавка на симулатор за пламени удари со кој ќе се овозможи тренинг вежби за пожарникарите; на две специјални противпожарни возила во вредност од 20.000.000 денари; на две термо камери, детектори за гас, изолациони апарати, нов разгласен систем, нови рачни противпожарни апарати, заштитна опрема за дожд, електрични брусалки, моторни пили за метал и дрво, моторни пили за метал и бетон, електрична хилта ,т урбо-маг млазници, разделници и уште многу други работи кој се неопходно за нормално функционирање на единицата со предвидена вредност од 6 милиони денари.

Во однос на изградбата на нови станици на подрачјето на Град Скопје, Градоначалникот Трајановски истакна дека изградбата на новиот потцентар во населба Ѓорче Петров е заврешна. Се работи за комплетно нова административна зграда и гаражи за возилата со енергетска ефикасност и истиот за најкусо време ке биде ставен во функција на единицата.  Исто така во кругот на АД Усје Цементара се отпочна со подготовка на привремени простории за нов потцентар кој со создавање на услови за кадровски екипираност ќе отпочне со нормално функционирање со кој би се зголемила безбедноста на граѓаните во тој дел од градот, а се планира и изградба на потцентар во Бутел.

Градоначалникот Трајановски изрази и голема благодарност до противпожарната бригада за активното учество во  справувањето со последиците од минатогодишните поплави и директната помош на терен за граѓаните од погодените населени места.

Командатот на  Противпожарната бригада на Град Скопје, Звонко Томески истакна дека противпожарната бригада успешно се справуваше со сите предизвици и дека успешно интервенираше на голем број пожари.

- Сакам да им се заблагодарам на Градот Скопје и на сите други надлежни институции за директната или индиректната соработка при извршувањето на секојдневните интервенции на бригадата. Голема благодарност и до сите колеги за покажаната храброст, пожртвуваност и спремност да интервенираат во секој момент со цел да ги заштитат граѓаните на Град Скопје, изјави командатот Томески.

Во рамките на одбележувањето на Денот на пожарникарството, командадот Томески на Градоначалникот Трајановски му додели благодарница за сите заложби на Градот Скопје во изминатите осум години за модернизирање, опремување и кадровско зајакнување на противпожарната бригада.

Исто така, асоцијацијата „Линк акрос“ додели 5 сертификати на припадници на противпожарната бригада за завршени обуки за тренери и тие во иднина ќе можат да работат како обучувачи.