ПИВАРА СКОПЈЕ И КОКА КОЛА ДОНИРАА ПАРКИРАЛИШТА ЗА ВЕЛОСИПЕДИ НА ГРАДОТ СКОПЈЕ 02.6.2017

На платото пред фонтаната „Лотосов цвет“ во Градскиот парк денеска /12.05.2017 година/ беше промовирано првото Кока-Кола паркиралиште за велосипеди, донација за Градот Скопје од Пивара АД Скопје и од компанијата Кока Кола. Двете компании на Градот Скопје ќе му донираат 5 вакви паркиралишта кои ќе бидат поставени на различни локации, а се во облик на препознатливото шише на Кока-Кола. На секоја од локациите ќе биде поставен пар од Кока-Кола и Кока-Кола Зеро паркиралиште и на нив ќе може да се паркираат 24 велосипеди.

 

- Во текот на изминативе неколку години Градот Скопје посветено работи и вложува во подобрувањето на велосипедската инфраструктура во Скопје. Потврда за тоа е успешната реализација на капиталниот проект „СКОПЈЕ ВЕЛОГРАД 2017“ со кој во градот ќе се формира ефикасна мрежа на обележени велосипедски патеки коишто ќе бидат поврзани и достапни за користење, односно, ќе се овозможи на сите што користат велосипед без препреки и безбедно да стигнат до саканата дестинација. Досега, ги изградивме велосипедските патеки од Рутата 1, на должина од 7.600 метри и на велосипедистите им овозможивме непречено да се движат од Гази Баба преку центарот на градот до Карпош. При крај е изградбата и реконструкцијата на велосипедските патеки од Рутата 2, на вкупна должина од 11 километри, од општина Аеродром, преку општините Центар и Карпош, до општина Ѓорче Петров. Ќе следува формирањето на велосипедските патеки од Рутата 3 кои ќе ја поврзат Кисела Вода преку центарот на градот со Карпош; патеките од Рутата 4, од Бутел преку Чаир до центарот, како и седумте конектори. Со проектот „СКОПЈЕ ВЕЛОГРАД 2017“ ќе се изградат и реконструираат вкупно 51 километар велосипедски патеки во Скопје. За нас е многу важно да создадеме услови и да ги поттикнеме граѓаните, а особено младите луѓе, во што поголем број да го користат велосипедот како алтернативно транспортно средство, да следат здрави животни навики и да придонесат за почиста животна средина. Таа наша заложба и напредок ги препозна и Европската унија, а Скопје се вброи меѓу трите града со најдобра одржлива мобилност. Во оваа пригода, се заблагодарувам на добрата соработка и на донацијата од 5 паркиралишта за велосипеди на Пивара Скопје и на компанијата Кока Кола, како општествено одговорни компании кои ја поддржуваат нашата заложба за одржлив транспорт во градот и се вистински пример за грижа кон заедницата – рече денеска градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

 

Основната цел на овој проект е промоција на физичките, спортските и рекреативните активности, но и грижа за животната средина и намалување на сообраќајниот метеж во градот преку поттикнување на велосипедската култура и промоција на велосипедот како алтернативен транспорт.

 

- Долгогодишна заложба на Пивара Скопје и компанијата Кока-Кола  е збогатување на рекреативните содржини за сите граѓани во заедницата. Затоа, постојано реализираме нови и иновативни проекти кои ја покажуваат грижата за заедницата во која дејствуваме. Верувам дека со оваа донација наменета за сите граѓани на Скопје, ние како Пивара Скопје ќе дадеме свој придонес во промоција на рекреативниот и урбаниот велосипедизам како начин на живот, но и во подигање на свеста за велосипедот како енергетски најефикасен градски транспорт со висок потенцијал за намалување на загаденоста на воздухот и заштита на животната средина - изјави  директорот за односи со јавност и комуникации на Пивара Скопје, Ламбро Патче.

 

Проектот е реализиран и во соработка со здружението „НаТочак“.