ВЕЛОТУРА И КАФЕ НА УЛИЦА ЗА СТАРТ НА ЕВРОПСКАТА НЕДЕЛА НА МОБИЛНОСТ 2017 10.11.2017

Градот Скопје денеска /16.09.2017 година/ се приклучи кон големото семејство европски градови кои ја одбележуваат Европската недела на мобилност 2017 (ЕНМ 2017) и во наредните седум дена за граѓаните ќе понуди низа активности посветени на алтернативното и одржливо движење. Во име на Град Скопје, пристапница за приклучување кон ЕНМ 2017 денеска потпиша градоначалникот Коце Трајановски.

-       Градот Скопје се приклучува кон Европската недела на мобилност 2017, која годинава се одржува под мотото „Споделувањето те движи напред“ и во која учествуваат повеќе од 2.280 градови. Европската недела на мобилност е кампања која промовира визија на градски улици за велосипедистите, пешаците, возачите на ролери, тротинети, скејт-борди, корисници на инвалидски колички, на сите учесници во сообраќајот кои не ја загадуваат животната средина, не прават бучава и не го заземаат животниот простор на своите сограѓани. Целта на Европската недела на мобилност е да се отстранат проблемите што моторните возила ги предизвикуваат во градовите и повторно да им се врати просторот на пешаците и велосипедистите, како и на јавниот превоз. Овде не се работи само за рестрикција на сообраќајот, туку и за поттикнување на граѓаните да се вклучат во локалниот живот и да бидат одговорни спрема животната средина. Со приклучување кон Европската недела на мобилност и почитување на нејзините цели, сите ние правиме многу - за животната средина во која живееме, за квалитетот на животот, за безбедноста во градот, за своето сопствено физичко и психичко здравје – рече денеска градоначалникот Трајановски.

Трајановски посочи дека Градот Скопје е свесен за важноста на оваа манифестација, па затоа, од 2011 година, кога од одбележување на Денот без автомобили премина во организирање на Европската недела на мобилност, се стреми да иницира, осмисли, организира и реализира активности преку кои ќе ја подигне јавната свест, ќе ги промовира своите проекти што во рамките на своето редовно работење ги спроведува и информирајќи ја јавноста ќе ја поттикне активно да се вклучи во менувањето на навиките и во утврдувањето на приоритетите во заедницата.

-       Со задоволство можам да истакнам дека активностите на Градот Скопје за организирање на Европската недела на мобилност се забележани во рамките на Европската унија, заради што неколку пати Градот Скопје се вброи во првите 10 градови по обем и квалитет на реализираните активности, се потенцираа одредени проекти и се посочија како пример за добра пракса. Минатата, 2016 година, Градот Скопје беше најуспешен и се вброи меѓу трите европски града со најдобри решенија за одржлива мобилност во трката за Наградата на Европската недела на мобилност 2016, заедно со градовите Малме и Лисабон. Тоа е голем поттик за нас, за уште  подобри проекти за одржлива мобилност. Ги поканувам граѓаните да се вклучат во разновидните настани што ќе се одвиваат во текот на наредните седум дена посветени на одржливата мобилност – рече градоначалникот Коце Трајановски, на потпишувањето на пристапницата кон ЕНМ 2017.

Градоначалникот Трајановски денеска предводеше велосипедска тура што се возеше по обележаните велосипедски патеки низ центарот на градот, поточно од Градскиот парк, по булеварот Илинден, по булеварот Свети Климент Охридски, по булеварот Партизански одреди и по улицата Васил Главинов со крајна дестинација на улицата Димитрие Чуповски која што беше затворена за сообраќај.

На улицата Димитрие Чуповски се организираше велокафе на улица, а граѓаните имаа можност да се дружат на отворено и да уживаат во настапот на Градскиот оркестар. Учениците од ОУ „Димитар Миладинов“, пак, цртаа на асфалтот и на хартија на тема екологија.

Градот Скопје ја реализира Европската недела на мобилност 2017 во соработка со невладините организации Македонски Зелен Центар, Прв до Врв, Здружение на инженери за животна средина, Гоу грин, Еко свест и Милиеуконтакт Македонија Институт за обука Коцка, како и со Делегацијата на Европската унија во нашата земја и Министерството за животна средина и просторно планирање.