СРЕДНОШКОЛСКИ ФАЈНЛ ФОР НАТПРЕВАРИ ЗА УЧЕБНАТА 2017/2018 ГОДИНА 07.5.2018

 

 

На завршните натпревари на препознатливиот градски ФАЈНЛ ФОР, којшто  денеска (3 мај)  се играа  во спортска сала на СУГС „ЗЕФ Љуш Марку“ во екипните спортови футсал и ракомет, во женска и во машка конкуренција, присуствуваше градоначалникот Шилегов.

- Горд сум што денеска имам можност да ве поздравам и да се дружам со вас. Дозволете ми веднаш и од срце да ви честитам што успеавте да постигнете резултати за почит, резултати за голема афирмација на спортот во средните училишта.Спортот е важна алка во развојот на младите. Град Скопје посветено ги поддржува сите млади луѓе кои се мотивирани да се занимаваат со спорт. Работиме на унапредувањето на училишниот спорт и мотивирањето на младите повеќе да спортуваат, за таа цел годинава за организација на средноучилишниот спорт во Скопје одвоивме 2.300.000 денари- изјави Шилегов.

 

 

Тој нагласи дека за поттикнување и наградување на спортот во средните училишта,  Градот продолжува со зголемен буџет од 1.400.000 денари (за 400. 000 денари повеќе од лани), средтва што се наменети за посета на најдобрите градски репрезентации на средните училишта во колективните спортови во еден од збратимените градови на Град Скопје.

 

 

Досега средношколците имаа  успешни гостувања во Истанбул, Ниш, Загреб, Љубљана, Софија и Белград, а Градот Скопје годинава обезбеди буџетски средства за патување во збратимениот град Нирнберг, Германија, за најдобрите средношколски екипи во мал фудбал, одбојка, ракомет и кошарка, во женска и во машка конкуренција.

 

 

- Не можам да го скријам задоволството дека со вашиот ангажман и ангажманот на вашите  професори по физичко воспитување, во изминативе години, покажавте дека само со истрајна, упорна и посветена работа се стигнува до саканиот резултат. Ме радува тоа што вашата спортска амбиција напредува и се развива. Од срце ви пожелувам и натаму со жар и посветеност да спортувате и да ги браните боите на вашите училишта, во исто време бранејќи ги и имиџот и достоинството на Градот Скопје – истакна Шилегов.

Градоначалникот Шилегов  им се заблагодари и на  професорите по спорт и спортски активности, за поддшката и за несебичното вложување во своите екипи    за средношколскиот спорт   да достигне  што повисоко ниво.

 

 

Во текот на оваа учебна година во системот на натпревари на средните училишта во Скопје учествуваа 245 екипи, а се одиграа над 1.000 натпревари во кои се вклучија околу 6.000 ученици од  29 средни училишта од Скопје.

Денеска се играа финалните натпревари по футсал и ракомет, а утре (4 мај) во истата сала ќе се одиграат финалните натпревари во одбојка и кошарка во женска и во машка конкуренција.