ШИЛЕГОВ: БЕЗБЕДНОСТА НА УЧЕСНИЦИТЕ ВО СООБРАЌАЈОТ ЗА МЕНЕ НЕМА ЦЕНА 06.6.2018

 

 

Градоначалникот Шилегов денеска присуствуваше на промоцијата на новата кампања за безбедност во сообраќајот „Ги возиме одговорните“, што се одржа во ресторанот „Стара куќа“.

- Град Скопје реши да го поддржи овој настан заедно со АМСМ и Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата од причина што безбедноста на учесниците во сообраќајот во Скопје е во редот на нашите врвни приоритети. Многу ме загрижуваат бројките на пијани возачи во Скопје. Пред некој викенд дури 500 возачи беа фатени како возат под дејство на алкохол. Со вакви бројки не е воопшто чудно што сме на дното на листите за безбедност на улиците во европски рамки- изјави Шилегов.

Тој додаде дека можноста на нашите сограѓани кои имаат резервација преку Ресторани.МК (www.restorani.mk) да користат бесплатен такси превоз за враќање дома по добрата забава во некој од скопските ресторани е одлична можноста да се соочиме со  реалноста.

- Целта на оваа кампања е да ја зголемиме свеста кај граѓаните да возат одговорно, да избегнуваат да возат под дејство на алкохол како не би со загрозиле ниту својот ниту животот на другите учесници во сообраќајот. Граѓаните на Скопје мора да заборават на своите автомобили кога консумираат алкохол. Јавниот превоз работи до доцна во ноќта, такси цените се релативно евтини во споредба со други градови, а сега нудиме и можност за бесплатно такси. Во вакви услови сметам дека овде веќе не може да се има никаква толеранција за возење под дејство на алкохол- истакна Шилегов.

Градоначалникот Шилегов упати апел до нашите сограѓани да ја користат оваа услуга почесто, а со тоа да придонесат во кампањата за побезбеден град и нагласи дека Град Скопје и во иднина ќе ги поддржува сите иницијативи од овој вид затоа што безбедноста на  граѓаните на Скопје, за него  како градоначалник нема цена.

На прес-конференцијата  присуствуваа и Ристо Манчев, секретар на Републички совет за безбедност во сообраќајот, Росана Јанков, портпарол во АМСМ и Ивица Пигуловски, претставник од проектот.