ОДБЕЛЕЖАНИ 74 ГОДИНИ ОД ДЕПОРТАЦИЈАТА НА МАКЕДОНСКИТЕ ЕВРЕИ ВО ТРЕБЛИНКА 27.3.2017

Во Салата на Советот на Град Скопје, денеска 10 март беше одржана комеморативна седница по повод 74 година од холокаустот врз македонските Евреи и депортацијата во логорот на смртта Треблинкa.

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, по повод 11 март 1943 година,  датумот на кој е извршена  депортацијата на 7.144 македонските Евреи, организира прием за претставници од Еврејската заедница и други странски дипломати во Република Македонија, одбележувајќи ја годишнината од овој трагичен и суров настан.

Во салата на Советот на Град Скопје, пред присутните се обратија градоначалникот на Град Скопје, како и претседателот на Еврејската заедница во РМ, г-ѓа Берта Романо Николиќ и амбасадорот на Израел во Република Македонија, Дан Орјан.

- Вековната историја на Еврејскиот народ памети и бележи големи победи и светли подеми, но за жал, и големи трагедии и темни сеништа кои оставиле неизбришливи траги во меморијата на човештвото. На една од тие црни страници е забележана и депортацијата на повеќе илјади Евреи, наши сограѓани, во логорите на ужасот и смртта. И денес, по толку изминати години, се сеќаваме на еден од најгрозоморните настани длабоко врежани во светската меморија – прогонствата и убиствата на Евреите, за кои човештвото сe уште докрај не го  најде одговорот, од каде поривот да се уништи цел еден народ. Секој 11-ти март со болка во душата се сеќаваме на тој мрачен ден, кога 7144 македонски Евреи, наши сограѓани, беа депортирани во Треблинка и никогаш не се вратија во нивниот град, во нивното Скопје. И денес, кога се навршуваат 74 години од депортацијата на еврејското население, скопјани не можат да ги заборават своите вредни соседи – еснафи, сеќавајќи се со носталгија на Еврејското маало, на добрите и пријателски соседски односи и на долгогодишниот заеднички живот кој го граделе и негувале. Денеска им одаваме почит, не само на жртвите припадници на Еврејската заедница од Скопје и Македонија, туку и на сите други Евреи од Европа и светот кои ги загубија своите животи во Втората светска војна. Токму затоа во главниот град на нашата држава се отвори Меморијален центар на холокаустот на Евреите од Македонија, 4-та институција од ваков вид во светот. Со тоа Скопје се впишува во картата на градови што се приклучуваат во одбележувањето на една од најголемите трагедии на човештвото. Сите заедно, исправени пред предизвикот да бидеме похумани и никогаш да не дозволиме на нашите поколенија да им се вратат сеништата од минатото, градејќи ја денешнината, мора да се стремиме кон подобро утре, кон заедничка просперитетна иднина за сите граѓани на нашава држава и на ова наше Скопје, истакна градоначалникот Трајановски.

Претседателката на Еврејската заедница во Република Македонија, г-ѓа Николиќ му се заблагодари на градоначалникот на Град Скопје, што и оваа година заедно со нив го одбележува овој датум и споменот на нивните претци, преживеаните од холокаустот и починатите членови н нивната зедница.

- Не случајно сме денеска и тука. Денешниот ден го посветивме на нашиот град Скопје во овие наши мартовски комеморативни денови. Пред малку бевме во некогашниот Монопол оддавајќи почит на местото во Скопје-пеколно собиралиште на Евреите од Македонија пред да бидат транспортирани и убиени во крајниот пекол. Потоа продолживме и се поклонивме и на споменикот на депортираните Евреи на гробиштата во Бутел, тука во Скопје. Континуитетот на еврејското опстојување на македонските простори е со долг век. Евреите ја делат судбината на македонскиот народ во секојдневието и со своите сограѓани скопјани и на многу крстопати низ историјата. Години наназад еврејските семејства кои живееме во Скопје продолжуваме да ја споделуваме и сегашноста како и досега што го правеле нашите предци секогаш заедно во секаков вид кризи, несреќи и елементарни непогоди- истакна Берта Романо Николиќ.

Амбасадорот на Израел во Република Македонија, Дан Орјан, ги поздрави присутните  и рече дека  потребата да се раскажува за вакви трагични настани сеуште постои, бидејќи за настаните коишто се одржаа вчера во Битола, еден израелскиот новинар напишал дека на 41 годишна возраст за првпат слушнал за холокаустот на Евреите во Македонија. Тој посочи и дека Република Израел изминативе години негува одлична соработка со Македонија и дека ќе работи и ќе се залага на зајакнување и продлабочување на ова партнерство.