ГРАДСКИ ЛЕТЕН ПАРК ПРОДОЛЖУВА СО ПРОЕКЦИЈА НА „AVEC L’AMOUR“ И ХИТОВИ ОД ЛЕГЕНДАРНИТЕ „КВИН“ 04.7.2018

Градот Скопје во соработка со МКЦ и со Македонската филхармонија продолжува да работи на обезбедување атрактивни содржини што ќе ја збогатат летната културна понуда во градот. Програмата за вечер и за утревечер на прес-конференција ја претставија градоначалникот Шилегов, директорот на МКЦ, Русе Арсов и директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиески.

 

- По емитувањето на филмот „Исцелител“ на отворена сцена и настапот на реномираниот џез музичар Феми Кути заедно со Македонската филхармонија, вечер во Градскиот парк на отворено ќе се емитува документарниот филм Avec l’amour, прекрасно филмско остварување и вистински предизвик граѓаните да дојдат во парк. Утревечер, пак, „QUEEN REAL TRIBUTE“, еден од најдобрите светски „Квин“ трибјут бендови, заедно со оркестарот на Македонската филхармонија и со хорот на Македонската опера и балет кај Школка, ќе ги изведат најголемите хитови на една од највлијателните рок-групи на сите времиња „Квин“. Ги поканувам моите сограѓани да дојдат и да уживаат во овој единствен од ваков тип настан во нашиот град – рече денеска градоначалникот Шилегов.

 

Вечер, проекцијата на филмот Avec l’amour започнува во 22 часот, во Градскиот парк, на потегот зад споменикот на Гоце Делчев. Утревечер, почетокот на концертот е закажан за во 21 часот, на бината пред Школка.

 

- Како и секогаш по вакви настани отпадот го чистиме сами, секако со помош од Град Скопје, Македонска филхармонија и од ПАКОМАК. Градот Скопје работи на враќање на загубениот сјај и приматот на институциите на културата и културните манифестации. Граѓаните заслужуваат Скопје да се најде на светските мапи на врвни културни настани и случувања – нагласи Шилегов.