НОВИОТ ЗАБАВЕН ПАРК ЌЕ СЕ ГРАДИ ВО ПРОСТОРОТ НА СТАРИОТ ЛУНА ПАРК 18.5.2017

Градот Скопје најостро реагира на серијата на координирани лажни текстови и натписи кои изминатиов период интернет порталот „Сакам да кажам – www.sdk.mk“ ги пласира во јавноста, а истите се поврзани со проектот со изградбата на новиот забавен парк во Градскиот парк.

За жал, овој портал продолжува со креирањето на лажни информации кои немаат врска со реалноста и служат само за континуирање дезинформирање на јавноста.

Овојпат, станува збор за текст со наслов „ЗА БАРОК ВО НОВИОТ ЛУНА ПАРК ЌЕ СЕ ИСЕЧАТ ПОЛА ОД ДРВЈАТА ВО ГРАДСКИ ПАРК“ (http://sdk.mk/index.php/uncategorized/noviot-luna-park-so-barok-ke-go-izede-gradski-park/) објавен на ден 22.04.2017 година.

И овој пат во овој текст се обидуваат преку некоја „весела математика“ да ја убедат јавноста дека новиот забавен парк ќе се простира на површина со која ќе се уништува зеленилото во Градскиот парк и ќе биде на територија надвор од површината на постоечкиот Луна Парк.

Повторно, Сакаме да ја информираме јавноста дека станува збор на невистинита информација и дека новиот забавен парк ќе се протега на истата површина како и досега и нема да се завзема и уништува зеленило во Градскиот Парк.

На конференција за јавност, Градот Скопје јавно и транспарентно ги објави плановите за новиот забавен парк, содржината и динамиката на неговата изградба. На оваа конференција за медиумите беа презентирани и фотографии од сите реквизити кои ќе бидат поставени, а за јавноста да биде подобро запознаена со плановите беа објавени и фотографии и видео анимација од идејниот проект. На оваа прес-конференција беа дадени сите податоци за проектот, како и беа опфатени голем број на детали за кои се шпекулира и лаже во овој текст. Дополнително, на оваа прес-конференција беа поставени и дополнителни прашања од страна на медиумите поврзани со овој проект, на кои беа дадени одговори.

Се што требало да направат авторот(ите) на овој текст е да присуствуваат на оваа конференција за печат, да ја преслушаат целосната прес-конференција на некои од медиумите кои ја имаат објавено, или да се обратат до Градот Скопје и сите нивни дилеми и прашања ќе беа расчистени.

Градот Скопје сака да ја информира јавноста дека ова е втор ваков текст на истиот интернет портал, полн со лаги и манипулации, кои ние и претходно го демантиравме.

Апелираме до сите медиуми за сите прашања поврзани со било кој проект кој е во надлежност на Градот Скопје, да се обратат до нас за да се избегнат вакви ситуации. Дополнително, апелираме до сите медиуми да бидат внимателни при изборот на извори од кои пренесуваат информации, бидејќи во изминатиов период се соочуваме со зачестена појава на т.н. „лажни вести“, кои во потрага на поголема читаност и популарност, објавуваат спектакуларни и сензационалистички натписи кои се направени непрофесионално, не ги почитуваат правилата и стандардите на професионалното новинарство и истите се полни со лажни и тенденциозни информации.