ИЗЛОЖБАТА НЕ ПОТСЕТИ НА ХУМАНОСТА И СОЛИДАРНОСТА КОЈА ГО ИЗГРАДИ НОВОТО СКОПЈЕ 10.8.2018

 

 

Вечерва (26 јули 2018 година, четврток), во Музејот на град Скопје, во рамките на манифестацијата „Зборува Скопје“ (23-26 јули) која ја одбележува 55-годишнината од катастрофалниот земјотрес, градоначалникот Шилегов ја отвори изложбата „Од братство и единство `63 до Скопје `63“.

- Со денешната изложба на фотографии, архивски материјали и на експонати од младинските работни акции и бригади врз чии плеќи се издигна новото Скопје ја привршуваме серијата настани наречена „Зборува Скопје“ со која оддадовме почит за жртвите од катастрофалниот земјотрес, но и на сите оние што со својата хуманост и солидарност помогнаа во обновата на Скопје. Музејот на Град Скопје преку оваа изложба успеа да ни ја доближи претставата за дадената помош од младинските бригади од сите републики на поранешна Југославија кои со својот волонтерски труд го понесоа најголемиот дел од товарот при расчистувањето на урнатините и изградбата на голем дел од објектите на новото Скопје – истакна Шилегов.

 

 

 

Тој додаде дека младинските бригади во Скопје пристигнале уште во првите денови од катастрофата, а организираната сојузна младинска акција траела се до крајот на ’63-тата.

- Младите од цела Југославија ги подигаат првите населби за скопјаните кои останале без своите домови, учествуваат во борбата за спасување на човечки животи под урнатините, во погребувањето на загинатите, но и во многу други работни акции каде што итно биле потребни работни сили – кажа Шилегов. 

Тој го изрази и своето задоволство што дел од учесниците во овие бригади беа присутни во Музејот и им порача дека оваа изложба по повод 55-годишниот јубилеј е само мал знак на благодарност за нивната  несебична помош во обновата на Скопје и дека нивниот труд вечно ќе остане вграден во ликот на новото постземјотресно Скопје, а со тоа и дека вечно ќе биде дел од сеќавањата на сите жители на градот и мотив да продолжи непрекинатата борба за ново, модерно и урбано Скопје.

 

 

 

 - Скопје е град за сите. Скопје е град и за оние што се родиле тука, за оние што се доселиле, но и за оние што вложувале, вложуваат и ќе вложуваат дел од себе во неговите убавини. Скопје отсекогаш било и ќе остане наша заедничка радост –порача Шилегов во своето обраќање.

На изложбата присуствуваа и претставници на акцијашите од многу држави од поранешна Југославија, кои уште во вториот ден по катастрофата во 1963 година дојдоа да помогнат во расчистувањето на урнатините. За нивните напори, заложби и несебична помош градоначалникот Шилегов им додели благодарници.

 

 

 

Присутните граѓани во Музејот на град Скопје вечерва можеа да го проследат и  поетското читање под мотото „За Скопје кое го сакам“ на Организацијата на жените на град Скопје, како и да ги погледаат филмовите од Кинотеката на Македонија за СКОПСКИОТ ЗЕМЈОТРЕС.

Вечерва во Музејот на современа уметност беше отворена изложба на дела од грчки автори, а во Младинскиот културен центар имаше проекции на серијата „Досие Скопје“ и богата музичка програма.

Традиционално денеска се одржа и крводарителската акција организирана од Црвен крст на град Скопје, а организационен одбор  положи цвеќе пред споменикот на загинатите во земјотресот на градските гробишта во Бутел.