ЗАСЕДАВА СОВЕТОТ НА ГРАДОТ: ИЗВЕШТАЈ ЗА БУЏЕТОТ И РАБОТАТА НА ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА 12.9.2018

Советот на Град Скопје на денешната 15-та седница ќе расправа за поголем број извештаи за работата на Градот Скопје и на јавните претпријатија за првите шест месеци од 2018 година, кои покажуваат добра финансиска кондиција на градот и на претпријатијата.

За првите шест месеци, согласно со Извештајот за извршување на буџетот на Град Скопје за 2018 година за периодот 01.01 – 30.06.2018 година, остварени се приходи и други приливи во износ од 2,2 милијарди денари, што претставува остварување од 36 проценти во однос на планот за 2018 година. Остварувањето на приходите во вкупниот буџет на Град Скопје за првото полугодие од 2018 година ја одржува својата позитивна динамика и споредено со истиот период од 2017 година, се на приближно исто ниво.

Во однос на расходите, за првата половина од 2018 година извршени се расходи во износ од 1,8 милијарди денари, што претставува извршување од 30 проценти во однос на планираните расходи за 2018 година. Споредено со извршувањето на расходите од истиот период од минатата 2017 година, извршените расходи за првото полугодие од 2018 година бележат намалување, што е во согласност со определената динамика за реализација на предвидените проекти за 2018 година.

Советот на денешната седница ќе ги разгледува и полугодишните извештаи за работата на јавните градски претпријатија.

Во првите шест месеци од 2018 година, јавното претпријатие „Комунална хигиена“ има собрано и транспортирано 74.301 тони комунален отпад или просечно 411 тони дневно. Во однос на истиот период од минатата 2017 година, количината на собран и транспортиран отпад е поголема за 1.887 тони (2,61%). Во делот на остварените финансиски резултати, ЈП „Комунална хигиена“ оствари позитивен финансиски резултат од 23.845.670 денари, како резултат на намалени трошоци на работење.

Во првите шест месеци од 2018 година, јавното претпријатие „Улици и патишта“ асфалтирало вкупна површина од 34.211 квадратни метри, додека машинско чистење на косините на реката Вардар е извршено на површина од 21.137 квадрати. Во првите шест месеци од 2018 година поставени се 364 нови сообраќајни знаци, 530 катадиоптри, а извршено е бележење на хоризонтална сообраќајна сигнализација на површина од 13.405 квадратни метри. Во делот на остварените финансиски резултати, ЈП „Улици и патишта“ оствари позитивен финансиски резултат од околу 34 милиони денари.

Во првите шест месеци од 2018 година, јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ подигна и реконструира 50.690 квадратни метри зелени површини, односно 35% повеќе од истиот период лани, кога биле подигнати 37.557 квадрати зеленило. По подолг период е набавена нова механизација - набавени се седум тракторски тревокосачки со корпа, 10 моторни тревокосачки, шест моторни пили, 20 моторни коси, 15 ротациони тревокосачки, 30 моторни грбни дувалки за лисја и друга опрема. Во делот на остварените финансиски резултати, ЈП „Паркови и зеленило“ оствари негативен финансиски резултат од околу 27.823.785 денари.

Во првите шест месеци од 2018 година, автобусите на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ поминале вкупно 9.039.900 километри, при што се превезени 22.557.000 патници. Во делот на остварените финансиски резултати, ЈСП „Скопје“ оствари позитивен финансиски резултат од 174,8 милиони денари.

Во првите шест месеци од 2018 година, јавното претпријатие „Водовод и канализација“ во рамките на своите активности инвестираше во изградба и реконструкција на водоводни, атмосферски и фекални канализации за што беа потрошени над 26 милиони денари. Во делот на остварените финансиски резултати, ЈП „Водовод и канализација“ оствари негативен финансиски резултат од околу 15 милиони денари после оданочување.

Во првите шест месеци од 2018 година, јавното претпријатие „Градски паркинг“ во делот на остварените финансиски резултати оствари позитивен финансиски резултат од 19.834.478 денари.

Советот на Град Скопје на денешната седница ќе ја разгледа и предложената одлука за одобрување на набавка на основни средства – Техничка опрема за реализација на видео пренос на седниците на Советот на Град Скопје, во живо. Со ова, ќе почне процесот на создавање услови за пренесување на седниците на Советот на Град Скопје во живо, активност која има за цел да ја зголеми информираноста на граѓаните за работата на ова тело, како и за зголемување на транспарентноста во работењето на Град Скопје.