ИЗВЕСТУВАЊЕ ДО ЈАВНОСТА ВО ВРСКА СО НЕМИЛИОТ НАСТАН ВО БЛИЗИНА НА „СКОПЈАНКА“ ВО АЕРОДРОМ 20.9.2018

 

 

По синоќешниот немил настан што се случи во зградата на булеварот Кузман Јосифовски Питу број 15 во станбено-деловниот комплекс „Скопјанка“ во Аеродром, кога поради непријатна миризба во заедничките простории беа евакуирани сите станари, Градот Скопје изразува благодарност до Противпожарната бригада на Град Скопје, ЈП „Комунална хигиена“, до припадниците на МВР и на АРМ и на вработените во Центарот за социјални работи за нивната брза интервенција.

Градот Скопје упатува благодарност за несебичната помош што овие служби им ја дадоа на граѓаните во моментите на паника и им помогнаа брзо да ја напуштат зградата и да бидат на безбедно. Нивната координирана акција овозможи во синоќешниот настан никој да не биде повреден и граѓаните по само неколку часа да се вратат во своите домови.

 

 

 

Градоначалникот Шилегов пристигна пред зградата на булеварот Кузман Јосифовски Питу уште по самото пријавување на непријатната миризба од граѓаните во противпожарната бригада и ги координираше активностите на службите. Денеска, станот во зградата од каде што се ширеше непријатната миризба е веќе исчистен од екипа на ЈП „Комунална хигиена“, а по овој случај понатаму ќе постапуваат социјалните служби.

Дополнително и исто така многу важно, Град Скопје реагира и на денешниот малициозен потег на младите од ВМРО-ДПМНЕ коишто кукавички оставија пелени пред портата на Град Скопје. Град Скопје остро го осудува исмејувањето од ДПМНЕ за паниката на стотина загрижени граѓани за своето здравје, како и исмејувањето на едно семејство на кое му е потребна и неопходна социјална грижа.

 

 

 

Ако загриженоста и паниката на стотина граѓани се основа на потсмевање за младината на ДПМНЕ, тогаш каква грижа да се очекува од ДПМНЕ за било кој друг граѓанин во Скопје и Македонија? Наместо истите тие млади лица, да се солидаризираат и да сочуствуваат со загрижените граѓани кои вчера беа во паника, како и со семејството на кое му е потребна сериозна социјална грижа и помош, партијата решила да ги стимулира и да ги поддржи во исмевањето на ваквите немили настани и социјални случаи. Тоа е тотално несериозно и е вон сите човечки особини на емпатија и солидарност со граѓаните.

Но, емпатијата не е нешто кое треба да се очекува од ДПМНЕ. Ова исмевање и навреда кон тие граѓани е само резултат на деструктивната агенда што тие ја имале и ја водат како здружение. Додека некој се обидува да им помогне на тие луѓе, ДПМНЕ може да продолжи во тоа што единствено умешно знае да го прави, да ги навредува и да ги исмева ваквите семејства и граѓани.