МЕЃУНАРОДЕН ИЛИНДЕНСКИ КАЈАК СЛАЛОМ ИКАС 2017 02.5.2017

 
     
 

 

 

 

Изминатиов викенд на патеката во спортско рекреативниот центар Матка по 49-ти пат се одржа меѓународниот турнир во кајак слалом ИКАС 2017.

И оваа година СРЦ Матка беше домаќин на ова меѓународно натпреварување, каде се одржаа натпреварувања во повеќе кајак дисциплини во машка и женска категорија, каде учество зедоа над 100 кајакари од 13 земји.

Квалификациони натпревари се одржаа вчера, додека денеска се одржаа полуфиналните и финалните натпревари во сите категории (K–1 жени, Ц-1 и Ц-2 жени, K-1 мажи).

На финалните натпревари присуствуваше и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, кој ги додели и медалите за најдобрите во неколку категории.

- Ретки се ваквите натпревари, коишто според својот квалитет и атрактивност, успеаја да го сочуваат континуитетот во привлекувањето на публиката, но и на исклучително квалитетните натпреварувачи од регионот и од Европа. Да се потсетиме и на 2014 година, кога Кајакарската федерација на Македонија и градот Скопје беа домаќини на една прекрасна манифестација – Европското првенство во кајак слалом за јуниори и сениори, кога на патеката во Матка беа пријавени околу 400 кајакари од 30 европски држави. И токму поради успешната и квалитетна работа на нашата Кајакарска федерација, во соработка со Агенцијата за спорт и млади и со Градот Скопје како покровители, промоцијата и афирмацијата на овој исклучително напорен и атрактивен спорт во нашата држава оди по нагорна линија, со што особено можеме да се гордееме. Голем доказ за овој факт секако е и Европското првенство во кајак – спуст за сениори, коешто ќе се одржи во Скопје од 11 – 14 идниот месец, а на кое ќе се вози на две патеки: Матка, и по течението на Вардар, од центар до Аеродром. – кажа градоначалникот Трајановски.

Во дисциплината К1 во машка конкуренција, првото место го освои Мустафа Арда Ачар (Турција), второто место го освои Панајотис Зисекас (Грција), додека на третото место заврши Анич Ачар (Турција).

Во женска конкуренција, победи Седа Нур (Турција), втора заврши Гамзе Полат (Турција), а бронзениот медал го освои Олена Никодовск.

Во Ц1 во машка категорија победи Антонио Мариниќ (Хрватска), второто место го освои Горан Јовановиќ (Србија), додека третото место го освои Мурат Читчи (Турција).

И оваа година, во соработка со ЈСП-Скопје, обезбеден беше бесплатен превоз од Транспортниот центар до СРЦ Матка и обратно, преку автобуската линија број 60.