ОТВОРЕНА „КОКА-КОЛА АКТИВНА ЗОНА“ НА КЕЈОТ НА РЕКАТА ВАРДАР 12.12.2017

 

 

 

 

На кејот на реката Вардар во близина на скејт паркот денеска /10.11.2017 година, петок/ беше отворена десеттата „Кока-Кола активна зона“, која Пивара Скопје и компанијата Кока-Кола ја донираа на Градот Скопје.

Активната зона свечено ја отворија градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и директорот за односи со јавност и комуникации на Пивара Скопје, Ламбро Патче.

- Навистина ми е чест што Градот Скопје повторно е дел од овој проект, преку кој заедно со Пивара Скопје и компанијата Кока-Кола имаме можност да ги мотивираме граѓаните редовно да спортуваат и да практикуваат активни животни навики, дотолку повеќе што целата оваа зона и инфраструктура е бесплатна за користење и достапна за граѓаните во секое време. Нашата цел е да имаме чист, модерен и безбеден град и граѓани коишто се грижат за себе и за својата средина. Токму затоа, Кока-Кола активната зона е од големо значење за Градот Скопје и апелирам до граѓаните на нашиот град да ја чуваат и да се грижат за неа. Исто така, ги повикувам сите компании да го следат овој позитивен пример за општествена одговорност и да покажат поголема корпорациска одговорност, односно преку инвестирање во заеднички јавни добра да инвестира и во развојот на својот бизнис, општата бизнис клима и нашето заедничко Скопје – кажа градоначалникот Шилегов.

Проектот „Кока-Кола Активни зони“ се реализира во повеќе општини низ Македонија и истиот вклучува поставување на фитнес зони на отворено, опремени со најмодерни професионални справи за вежбање, достапни 24 часа на сите граѓани без никаков надомест.

- Со Скопје ја заокружуваме и втората година од овој значаен проект и осврнувајќи се на овие две години во кои дониравме вкупно 10 активни зони, без сомнение можам да кажам дека луѓето од сите генерации кои секојдневно ги користат справите за спорт и рекреација, се доказ дека „Кока-Кола Активните зони“ се успешен проект кој навистина успеа да го поттикне спортскиот дух, дури и кај оние што досега не се занимавале со спорт. Токму затоа, Пивара Скопје во соработка со компанијата Кока-Кола, како општествено одговорни компании,ќе продолжат во насока на реализација на проекти кои го промовираат активниот начин на живот, бидејќи редовната физичка активност и спортување се императив за градење одржлива иднина и заедница во која живее спортската култура - изјави Ламбро Патче, директор за односи со јавност и комуникации на Пивара Скопје.

Проектот е дел од глобалната платформа на Пивара Скопје и компанијата Кока-Кола за промоција на физичките, спортски и рекреативни активности и вложување во заедницата, како основа за создавање навики за активен животен стил и мотивирање на граѓаните редовно да спортуваат и да се рекреираат.

Оваа активна зона е втора донација во Скопје, по првата која минатата година беше отворена во Општина Гази Баба и која истовремено го означи стартот на долгорочниот проект на Пивара Скопје и Кока-Кола компанијата.