ВО ЗАВРШНА ФАЗА ПРОЕКТОТ ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА И ДОИЗГРАДБА НА КОНГРЕСНИОТ ЦЕНТАР АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ 01.4.2017

Проектот за реконструкција, доградба и надградба на Конгресен центар „Александар Македонски“ во Скопје е во завршна фаза.

Ова го изнесоа на денешната конференција за медиумите градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и министерот за култура на Република Македонија,  Елизабета Канческа-Милевска, кои најавија дека оваа година треба да започне и реализацијата на овој капитален проект.

- Во тек е проектирањето на овој објект, што го прави проектантската куќа ГИМ и истиот треба да биде готов во втората половина од месец мај. По изготвувањето на сите потребни проекти, Градот Скопје кон крајот на месец мај или почетокот на јуни ќе распише тендер за изградба и доколку се оди како што треба, очекувам истата да започне во месец септември. Со ова, конечно, Градот Скопје ќе добие нов конгресен центар, пришто ќе биде задржан основниот облик на Универзалната сала, а дополнително ќе се доизградат нови содржини. Финансирањето на проектот за реконструкција, доградба и надградба на Конгресниот центар „Александар Македонски“ ќе се изврши од Владата на Република Македонија, преку Министерството за култура, и би сакал да искажам благодарност што решија да го релизираат овој капитален проект – кажа градоначалникот Трајановски.

Министерот за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа-Милевска изјави дека овој проект се состои од реконструкција на стариот објект на Универзалната сала, целосно опремување на внатрешниот дел, како и доизградба на нови простории со што ќе се добијат нови содржини.

- Сакаме да информираме дека сите проекти поврзани со реконструкцијата, доградбата и надградбата на Конгресениот центар „Александар Македонски“ се во завршна фаза и се надеваме дека во месец мај истите ќе бидат комплетирани. Со овој проект, во делот на реконструкција се опфатени целосно интериерно уредување и поставување на целосно нова сценска технологија, реконструкција на влезниот хол со целото фоаје, реконструкција на постојната централна сала, како и  реконструкција на куполата на покривот и галериите. Во делот на доградба, предвидено е доградба на приземјето, галериите и околу надворешниот прстен на самиот објект. Во објектот со оваа доградба се предвидени: целосно реконструирана постојната сала со 1400 седишта, изградба на поголем број нови повеќенаменски сали со капацитет од 200 и 120 седишта, 4 нови мултимедијални сали со капацитет од 30 до 40 седишта и 6 нови простории за билатерални средби. Ќе се изврши и  доизградба  на простории за администрацијата, како и паркинг простор на две нивоа што ќе биде на површина од околу 5.000 квадратни метри – кажа министерката Канческа-Милевска.

Универзалната сала во Скопје е изградена во 1966 година и досега истата ја посетиле околу седум милиони посетители.

Постојниот  објект е со површина од околу 4.000 квадратни метри, а со новиот се предвидува доградба на дополнителни 4.000 квадратни метри и паркинг на 2 нивоа со површина од околу 5.000 квадратни метри.