ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТРАЈАНОВСКИ НА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ ВО БЕРЛИН 22.5.2017

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски минатата недела присуствуваше на конференција за енергетска ефикансост и енергетска одржливост, која што се одржа во Берлин, Германија.

Конференцијата ја организира Германско друштво за интернационална соработка (ГИЗ), а на истата учество зедоа градоначалници и претставници од локалната самоуправа од главните градови во Југоисточна Европа.

На конференцијата се одржаа голем број на предавања од областа на енергетската ефикансост и енергетска одржливост, а претставниците потпишаа и документ за продлабочување на соработката за одржлива мобилност на главните градови од Југоисточна Европа.

Во рамки на конференцијата градоначалникот Трајановски одржа презентација со која ги запозна присутните за досегашниот развој на Скопје од областа на енергетската ефикасност и урбана мобилност. 

- Изминатиов период напорно работиме на намалување на сообраќајниот метеж преку употреба на поодржливи форми на транспорт, промовирање на одржливи начини на транспорт, подобрување на квалитетот на воздухот, со цел градот да стане попријатно место за живеење. Преку проектот РЕНЕСАНС од СИВИТАС програмата за Градот Скопје беше изработен план за одржлива мобилност кој што беше усвоен од страна на Советот на Град Скопје во 2011 година. Целта на овој план е подобрување на пристапноста во градот и обезбедување на одржлива мобилност во и околу урбаните подрачја заради обезбедување на непречено одвивање на сообраќајот. Градот Скопје интензивно работи на подобрување на патната инфраструктура и изградба на кружни крстосници, преобразба на улици во плоштади односно формирање на нови пешачки зони, изградени се 7 катни гаражи во централно градско подрачје со капацитет од 2860 места за паркирање. Обновени се 90 проценти од возниот парк на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ и набавена е најсовремена механизација за другите градски претпријатија. Исто така,  од јануари 2017 година го воведовме системот „smart ticketing“ во автобусите на градскиот превоз и АВЛ системот (Автоматска локација на автобусите за време на нивното движење), каде ги приклучивме  и автобусите и на приватните превозници, така што постои еден систем кој функционира и во јавниот и приватниот превоз – кажа градоначалникот Трајановски.

Покрај овие проекти, градоначалникот Трајановски се осврна и на отворањето на Центарот за утправување и контрола на сообракајот во 2013 година, отворањето на оперативниот контролен центар за следење на автобусите во 2015 година, повеќето проекти од областа на електромобилноста и Енергетската, проектот за подобрување на велосипедската инфраструктура во Скопје „Скопје Велоград 2017“ и многу други активности.