ГРАД СКОПЈЕ СО КОНКУРС ЗА ДИЗАЈН НА КЛУПИ, КОРПИ ЗА ОТПАДОЦИ И ЗАШТИТНИ СТОЛПЧИЊА ЗА ЗЕЛЕНИЛО 28.2.2018

Градот Скопје наредниве денови ќе распише конкурс за идејно решение за дизајн на урбана опрема - клупи, корпи за отпадоци и заштитни столпчиња за зеленило.

На презентацијата на конкурсот што денеска се одржа во просториите на Архитектонскиот факултет присуствуваа градоначалникот Петре Шилегов и деканот на Архитектонскиот факултет, Огнен Марина.

- Сакам да ја информирам целокупната јавност, вклучително и студентите од областа на архитектурата од сите релевантни факултети во Скопје, дека Градот Скопје во многу блиска иднина ќе распише конкурс за избор на идејно решение – дизајн на урбана опрема за потребите на Градот. Идејното решение кое му е потребно на Скопје опфаќа дизајн на клупа, корпа за отпадоци и заштитно столбче што ќе се постават на јавни простори пред училишта, студентски домови, факултети, плоштади, како и на булевари, магистрални и собирни улици кои се во надлежност на Градот. Во нашата заложба за одржлив урбан развој на Скопје, влегуваме силно, посветено и транспарентно, за да создадеме услови за унапредување на функционалноста и употребата на јавниот простор. На градот да му дадеме еден поинаков модерен лик кој ќе се издигне над архитектонските и естетски обременувања што нашето Скопје ги доживуваше во минатото. Имајќи предвид дека Градот Скопје го гледам како град за сите нас, сакам да потенцирам дека претстојниот конкурс ги отвора можностите и за искусните и за почетниците, за возрасните и за младите, за сите чинители коишто  можат, умеат и сакаат да придонесат да живееме во инспиративно и креативно заедничко Скопје – рече градоначалникот Петре Шилегов на денешната презентација на конкурсот.

Тој додаде дека оваа презентација не случајно се одржува во просториите на Архитектонскиот факултет.

- Сакам да истакнам дека ова симболично обраќање од тука треба да се сфати како охрабрување и поттикнување на студентите за што поактивно да се вклучат во давање идеи за дизајн на урбаната опрема за потребите на Градот.  Целта ни е да го зголемиме нивото на креативна конкурентност и да дадеме современа димензија на урбаниот стил на Градот. Затоа, почитувани студенти, сега ја имате можноста директно да го креирате Скопје за сите нас, вашиот визионерски дух да го пресликате во нашето секојдневие, со вашиот креативен и уметнички капацитет да влијаете врз урбаниот развој на Градот. Вие сте прогресивната сила на Скопје, затоа јас како градоначалник Ве уверувам дека вашиот глас и визија нема да останат незабележани од оваа градска администрација – нагласи градоначалникот Шилегов.

Конкурсот за идејно решение за дизајн на урбана опрема - клупи, корпи за отпадоци и заштитни столпчиња за зеленило ќе биде јавно објавен и отворен за сите заинтересирани. Повикот ќе биде достапен и на Интернет-страницата на Град Скопје www.skopje.gov.mk и ќе трае 30 дена од официјалното објавување.

Пријавувањето и добивањето на конкурсната документација ќе се врши преку адресата konkurs@skopje.gov.mk.

Првата награда на овој конкурс е во вредност од 300 евра, а втората награда од 150 евра.