УСВОЕН ПРВИОТ КВАРТАЛЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА ИЗВРШУВАЊЕ НА БУЏЕТОТ НА ГРАД СКОПЈЕ ЗА 2018 ГОДИНА 08.6.2018

 

На денешната единаесетта седница на Советот на Град Скопје беше усвоен првиот квартален извештај за извршување на Буџетот на Град Скопје за 2018 година. Овој извештај претставува рамка во која се прикажува остварување на приходите и реализација на расходите во Буџетот заклучно со март 2018 година.

Во рамки на очекувањата за овој период од годината, остварувањето на приходите се одвива согласно со планираното, а плаќањата на расходите се одвиваат редовно и навремено.

Вкупните приходи во периодот јануари – март 2018 година се остварени во износ од 1,1 милијарди денари што претставува 17 проценти во однос на планот за 2018 година.

- Се бележи зголемување од 2 проценти во остварувањето на приходите на вкупниот буџет на Град Скопје за првиот квартал од 2018 година во однос на истиот период минатата година, што оди во прилог на одржување на позитивната динамика на остварување на приходите. Задржана е истата динамика на остварување на приходите во последните 4 години – кажа градоначалникот Шилегов.

Во структурата на вкупно остварените приходи со најголем процент – 47,4 проценти учествуваат даночните приходи. Приходите од трансфери и донации учествуваат со 39,5 проценти, капиталните приходи со 7,2 проценти и неданочните приходи со 5,9 проценти.

На долг рок овој пристап обезбедува подобрување на перформансите при реализација на планираните проекти во Буџетот на Град Скопје.